Линкови за пристапност

Македонија помага на настраданите во поплавите


„Македонија со 2,5 милиони жители, испрати спасувачки екипи и повеќе помош отколку цела ЕУ и САД“, вели српскиот портал србијаданас.нет

Пет камиони со 100 тони вода, храна, средства за хигиена, ќебиња и најнеопходните продукти за бебиња денеска тргнаа кон Србија, а утре уште три камиони со хуманитарна помош тргнува кон најзагрозените подрачја од поплавите во Босна и Херцеговина.

Сето ова беше собрано за само еден ден, на најголемиот собирен пункт на плоштадот во Скопје, и на уште десетиците други пунктови низ целата земја, во хуманитарните организации, но и оние организирани од приватни бизнисмени. Стоката која буквално секоја секунда пристигнуваше во пунктовите веднаш беше пакувана во кутии. Од Црвениот крст на Македонија се воодушевени од брзата реакција на граѓаните, од нивната организација за толку кусо време, но не се изненадени.

„Секоја помош е добредојдена. Граѓаните покажаа како и повеќепати досега дека се на висина на задачата кога се работи за хуманитарни активности„, вели генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити кој упати апел до сите сите следни донации да бидат во вода за пиење, храна и средства за лична хигиена, бидејќи, како што им било порачано, токму тоа им недостасува на жртвите на катаклизмичните поплави во Србија и Босна и Херцеговина.

До крајот на неделата уште најмалку два пати, камионите од Македонија пак ќе заминат за Србија и Босна, да ја однесат останатата помош, која според проценките засега изнесува над 240 тони.

Освен ваквите донации, за жителите од настраданите подрачја на Балканот ќе заминат и 120.000 евра, кои досега за само два дена се собрани преку броевите за донации од трите мобилни оператори во земјата. Македонската Влада, која досега испрати 15 припадници на специјалната полициска единица „Тигри“ и еден хеликоптер и екипаж да помогнат во спасувачките операции и дава логистичка поддршка на транспортот на хуманитарната помош, одлучи да се откаже од наплата на данокот на додадена вредност на телефонските донации. По бурните реакции во јавноста и на социјалните мрежи, дека дури 20-тина илјади евра, од собраните 120.000 ќе завршат во владината каса, на им на ДДВ, на утрешната владина седница тоа ќе биде променето.

„Со последните законски измени е дозволено ослободување од данокот на додадена вредност доколку се работи за донација која е од јавен интерес и за кои ќе се побара мислење од министерството за правда. Државата нема да задржи ништо од овие донаторски сметки коишто се отворени во последниот период“, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Владин хуманитарен придонес ќе биде и концертот што на 22-ри мај ќе се одржи во Скопје под мотото „Да се обединиме во хуманоста“, а приходите од влезниците ќе бидат наменети за помош на граѓаните на Србија и Босна.

Во хуманитарните активности се вклучуваат и сите најголеми институции од областа на културата. Исто така и Македонската филхармонија, Операта, Кинотеката, Драмскиот и Турскиот театар ќе организираат претстави за истата намена, а три милиони денари ќе донира и Македонската православна црква. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска, најавувајќи го хуманитарниот концерт, навести дека во оваа хуманитарна активност би се вклучила и лично, со тоа што би ја донирала својата плата.

Она што деновиве ги обедини сите во Македонија, не останува незабележано посебно во српските медиуми. Не штедејќи зборови со пофалби и благодарност, некои од нив објавија дека „Македонија со 2,5 милиони жители, а испрати спасувачки екипи и повеќе помош отколку цела ЕУ...“
XS
SM
MD
LG