Линкови за пристапност

Лидерот на опозицијата со обвиненија до власта


ВМРО-ДПМНЕ реагираше со зборовите дека тоа било „катастрофален обид да го покрие изборниот срам“ од неделата

„Дали како претседател на ВМРО-ДПМНЕ си земал пари во кеш во износ од 1.500.000 евра или повеќе од 92.000.000 денари? ... Дали со овие пари купуваше гласови?“ Ваков вид прашања постави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, јавно, до премиерот Никола Груевски, фрлајќи им ракавица на надлежните институции да постапат според законот.

Заев отворено го повика Груевски, за кого рече дека е „мераклија на граѓаните и на државната администрација да им држи предавања по етика“, да им ја одржи најважната лекција - по искреност.

Тој денес потенцираше дека со својот настап го отвора најголемиот предизвик пред институциите во Македонија, кои сега ќе имаат ексклузивна можност да докажат дека Македонија е правна држава и дека законите важат и за Груевски, како за останатите граѓани.

„Сѐ почнува од криминалниот модел што го воспоставил Груевски и оттогаш наваму се шири тој за него успешен модел, кој денес финансиски ја клекна на колена Република Македонија. Овој модел денес контролира сѐ во државата... Ветив дека докрај ќе разобличиме кој е главниот креатор на криминалиите во државата поради кои пати народот. Таткото на криминалот во Македонија не е никој друг, туку Никола Груевски! Објавувавме во изминатиот период многу финансиски афери за кои институциите молчат и ... сите тие афери водеа кон врвот на власта...“, рече Заев.

Груевски не се јави со демант, но рагираше партијата ВМРО-ДПМНЕ, која демантиораше дека нивниот лидер добил 1,5 милион евра во кеш: „Прес-конференцијата на Зоран Заев е тотална лага и измислица! Ваквото однесување на Заев е класичен кукавичлук и е катастрофален обид да го покрие изборниот срам што му се случи во неделата. Ваквите измислици и ваквиот начин на дејствување не се нови за СДСМ. Секогаш користеле навреди, лаги, омаловажувања и манипулации“.

Соред ВМРО-ДПМНЕ, „народот му кажа (на Заев – н.з) што мисли за неговот концепт во неделата, но тој во неговата самобендисаност и ароганција, не разбирајќи ја пораката од народот дека нема доверба во него“.

„Овој човек се нуди себе си да биде премиер на државата, а не покажува ниту грам почит кон граѓаните, а најмалку покажува достоинство. Ние апелираме граѓаните да го казнат ова негово несериозно и потценувачко однесување. Ние ќе продолжиме да ја почитуваме волјата на граѓаните и ќе продолжиме да работиме на презентација и реализација на над 2.046 проекти кои, убедени сме, ќе донесат добро на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG