Линкови за пристапност

Десет години од смртта на претседателот Трајковски


„Сè уште чекаме да се исполни неговата визија за европска Република Македонија“, изјави претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

„Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија, регионот - миротворец посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебно разбирање и почитување, а светот - човек со големо срце кој со својата добра мисла ги поврзуваше луѓето каде и да одеше. Ближните загубија сакан сопруг, татко, син, брат, роднина, пријател“, изјави во Ротимље кај Мостар, во Босна и Херцеговина, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на одбележувањето на десетгодишнината од загинувањето на поранешниот претседател на Македонија Борис Трајковски и членовите на делегацијата кои со него патуваа на конференција во Мостар во 2004-тата.

Претседателот Иванов, денес, според МИА, ја изразил својата увереност дека иако и по десет години од загинувањето на Трајковски, „сè уште чекаме да се исполни неговата визија за европска Република Македонија, уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин за Македонија, како полноправна членка на ЕУ и на НАТО ќе биде остварен“.

Според агенциските веснти од Босна, претседавачот на босанското претседателство Жељко Комшиќ потенцирал дека „за болката што семејството на Трајковски ја чувствува веќе десет години, за жал не можеме да понудиме утеха, туку само сочувство, во надеж дека семејството ќе дојде до вистината и ќе го добие заслужениот мир во своите души. БиХ изуби голем пријател, а целиот регион голем лидер“.

Поранешниот претседател Трајковски загина на 26 февруари 2004 година во авионска несреќа во Ротимље, во која покрај него, животот го загубија и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан - Лозановска од неговиот кабинет, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

И покрај една завршена истрага со која причините за несреќата главно беа сведени на пилотски пропусти, и ден-денес, и во македонската и во босанската јавност постојат бројни дилеми и контроверзи. Току затоа, нови детали се очекуваат од новиот извештај од истрагата отворена во јануари 2013, на главниот истражен судија за несреќата, Босанецот, Омер Кулиќ, што според најавите ќе биде објавен во април. Самиот Кулиќ најави дека „„дефинитивно ќе биде ставена точка на целиот случај“ и дека. „се е разјаснето“.

На денешното одбележување на десете години од трагедијата, на комеморацијата во Скопје присуствуваа видни лица од јавниот живот и политиката, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел, цвеќе на гробот на Трајковски положи собраниска делегација, како и делегација на СДСМ. А во родниот град на Трајковски – Струмица, пред споменикот „Македонија“ подигнат во негова чест, свежо цвеќе положил градоначалникот Зоран Заев, кој пред големиот број роднини, пријатели и почитувачи на Трајковски, зборувал за животот и делото на трагично загинатиот претседател.
„Претседателот Борис Трајковски сонуваше со отворени очи за поуспешна, посреќна, попросперитетна и посилна Македонија, како дел од ЕУ и НАТО. За жал, тие негови соништа беа прекинати на денешен ден пред десет години.

„Почитувани сограѓани, наша должност е за нас и за него, но и за идните генерации Македонци, да продолжиме да го сонуваме убавиот сон и да се трудиме заеднички тој да стане наше јаве. Каде и да е, Борис Трајковски силно ќе се израдува на тој успех“, изјавил, меѓу другото, струмичкиот градоачалник.

По повод десетгодишнината од смртта на Трајковски, се одржа меѓународен религиски форум на тема „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“ во организација на Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и на Комисијата за односи со верските заедници, како и меѓународен младински лидерски форум „Перспективите и предизвиците на младите луѓе“.

На религискиот форум , сопругата на загинатиот претседател Вилма Трајковска изјави дека „да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Како што свештеникот ги соединува луѓето, така и претседателот треба да ги спојува луѓето од различно потекло и со различно мислење. Вистинскиот лидер не треба само да проповеда туку и да ги води луѓето“.

Според А1 Он, конгресменката Кендис Милер, која претседава со групата за пријателство со Македонија во американскиот Конгрес, до конгресната архива доставила изјава по повод 10-годишнината од смртта на Трајковски, во која, меѓу другото, се вели:

„Претседателот Трајковски беше член и пастор на Методистичката црква на Македонија, и неуморен поборник за верска толеранција, верски слободи и решавање на конфликти. Тој беше човек со силна вера, која го упати да го води процесот на помирување низ неговиот дел од светот... Претседателот Трајковски ја покажа неговата посветеноста да работи со сите етнички групи во Македонија, што помогна да се одбегне граѓанска војна. Работеше да го обезбеди мирот и да ја интегрира Македонија во меѓународната заедница“
Соопштение по повод годишнината од смртта на Трајковски во Вашингтон објави и Обединетата македонска дијаспора (ОМД):

„Претседателот Трајковски засекогаш ќе остане запаметен како скромен, храбар и решителен човек, со глобална визија за Македонија кој секогаш ги ставаше својата земја и народ пред неговата лична слава. ОМД верува дека визијата на претседателот Трајковски за општество засновано врз демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно општество засновано врз доверба ќе надвладее и Македонија ќе биде дел од евро-атланските институции. Претседателот Трајковски беше неуморен поборник за целосно признавање на македонското уставно име од меѓународната заедница, и го постави патот за признавањето од страна на САД во ноември 2004 година, кое не успеа да го доживее“.

А поранешниот претседател на Албанија, Алфред Мојсиу, во денешната изјава за ТВ Телма иистакна дека му бил и личен пријател на Трајковски. „Работевме заедно на стабилноста, мирот и доброто разбирање меѓу нашите земји.Мислам дека смртта на претседателот Трајковски беше многу трагична, затоа што македонскиот народ изгуби државник кој многу работеше на креирање на стабилноста на регионот.Сочувствувам со неговата смрт и се надевам дека Македонија и Албанија ќе продолжат на истиот пат, за доброто на нашите народи“, рече Мојсиу.
XS
SM
MD
LG