Линкови за пристапност

Иванов: Да се престигнуваме во добрина!


Новогодишни пораки на претседателот, премиерот и лидерот на опозицијата до граѓаните на Македонија.

„Им посакувам на сите граѓани на Република Македонија во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници и среќна и бериќетна Нова 2014 година!“, вели во честитката до граѓаните македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

Според него, моментите наспроти новата година се можност за потсетување на успесите и на предизвиците, но и за благодарност „за нештата со кои сме дарувани: љубовта на нашите најблиски, топлината на нашите домови, мирот, безбедноста и сигурноста на нашата татковина Македонија“.

„Како држава славевме победи и се соочувавме со падови. Бевме признавани, но и блокирани. Но, најважно од сè, остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби... Како родители и деца, соседи и пријатели, како учители и ученици, работодавачи и вработени, да бидеме полни со љубов, жедни за знаење и посветени на успехот. Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување. И најважно од сè, да се престигнуваме во добрина!“, порача Иванов.

„Од економски аспект 2013 година беше година на постепено закрепнување на Македонија од ударот на европската должничка криза... Во 2014 година ќе продолжиме со уште посилно темпо со постојните и многу нови проекти и идеи за подобра, поуспешна и побогата Македонија“, им порача на жителите на Македонија, премиерот Никола Груевски.
„За 2014 година, во овој момент, веќе имаме неофицијална потврда на најмалку 20 нови странски компании - дека во годината која доаѓа ќе почнат градба на нови капацитети во Македонија - а уште други десетина компании размислуваат да донесат таква одлука, и се надевам и дека и некои од нив ќе ја донесат“, се вели во неговото новогодишно обраќање.

„Но ние тука не застануваме, јас годинава ангажирав и трет министер задолжен за инвестиции, кој го остави својот бизнис и дел од семејството во Америка и дојде да и помогне на Македонија“, истакна Груевски, според кого, најважно е што растот на економијата се рефлектирал на ново намалување на невработеноста на ниво на „историски најниска невработеност“.

Помалку оптимизам имаше во обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев: „Се збогуваме со една година која индивидуално, секој од нас, ќе ја памети по добро или зло, но сите заедно ќе ја паметиме како година на наше назадување, отуѓување, осиромашување, иселување и борба за преживување. За Македонија, 2013-та беше година на изгубени битки. Беше тоа година на микро раскош и макро беда. Беше тоа година во која се огледаа сите наши слабости и недоследности... Годината не ја изгубија граѓаните, туку некој им ја украде за свои потреби“.

Заев им порача на граѓаните да бидат свесни дека се господари на нивните животи и да не дозволат „да бидеме служители на оние од власта кои нам треба да ни бидат служители. Само така, ќе бидеме сведоци на остварениот стремеж за благосостојба на Македонија. Тоа што Македонија го заслужува, тоа што граѓаните го заслужуваат, ние сме должни да им го овозможиме“.
XS
SM
MD
LG