Линкови за пристапност

Иванов: ЕУ и НАТО да си го повратат кредибилитетот во случајот со Република Македонија


На годишното обраќање претседателот пред пратениците рече дека Атина го блокира просперитетот на државата.

„Нема да дозволиме да се гази врз достоинството на Македонија, да се негираат човековите права и правото на човечко достоинство“, потеницираше денес во Собранието на Република Македонија, претседателот Ѓорге Иванов, во последното негово годишно обраќање пред пратениците во овој мандат, на кое присуствуваа и претставници на власта, на државни институции и на дипломатскиот кор.

„За време на мојот мандат постојано истакнував дека Република Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение, решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот не е дел од рамката. Идентитетот не се регулира со акт запишан на парче хартија. Идентитетот не може да се купи, украде или фалсификува. Постојано истакнувам дека нема да дозволиме промена на кој и да било аспект на нашиот идентитет“, потенцираше Иванов.

Во обраќањето Иванов истакна дека се создадени услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, како и да се побара од генералниот секретар на ООН, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност за разговорите меѓу Македонија и Грција со посредништво на медијаторот Метју Нимиц.

Истакнувајќи дека на 5 декември се навршија две години од донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, Иванов рече:

„Во духот на добрососедството, на нашиот јужен сосед му оставивме доволен временски простор од цели две години со надеж дека во добра волја ќе ги исполни нашите, но и очекувањата на Судот. Очекувања дека нема да го повтори неодговорното однесување од Букурешт. Однесување што беше оценето како нелегално од страна на највисокиот правен авторитет во светот. Но, Атина не ја искористи можноста и продолжи да го крши меѓународното право. Продолжи непочитувањето на Времената спогодба и пресудата. Продолжија старите блокади, уцени и притисоци, зачинети со нови изговори“.

Иванов во обраќањето истакна и дека низ историјата имало многубројни посегнувања по македонскиот идентитет и самобитност.

„Постојано се обидувале да ни наметнат нечии туѓи идентитети и туѓи претстави за нас самите. Во време на туѓа власт, нашите предци не потклекнаа на притисоците. Нема да потклекнеме ниту ние, денес, кога имаме сопствена независна, суверена и самостојна држава. Држава која нè штити нас и нашите интереси. Никогаш повторно нема да се случи некој да ни наметнува туѓ идентитет“, беше дециден Иванов.

„Оној што не се соочува со реалноста, живее во илузии. Република Македонија е реалност на Балканот, реалност во Европа, реалност во меѓународната заедница. Бараме и очекуваме од Атина, како земја-членка на Европската унија, со нас да се однесува европски. Бараме и очекуваме кон нас да се применуваат европски критериуми и стандарди за членство. Ни помалку, ни повеќе од тоа. Република Македонија е европска држава и заслужува европски третман“, рече макеоднскиот претседател.

По обраќањето уследија реакциите на пратениците.

„Ако веќе треба да бираме по што ќе го паметиме Ѓорѓе Иванов, ќе го паметиме по неговите дипломатски скандали, реторички гафови, бунарот во Паљурци, неговото дружење со Хунзите, по негово намигнување на Обама, по неговото одликување на еден од новите европски диктатори - претседателот на Унгарија, Орбан, по неговата порака до граѓаните да ја трпат, трпат, и трпат својата мака, своите проблеми и сиромаштијата“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски. Според него, претседателот Иванов во своето обраќање „де факто го завршува мандатот онака како што го почна - има слика, нема тон“. Тој истакна дека вршењето на функцијата на Иванов „било диригирано од Владата“, и дека и во неговиот говор ги немало клучните понети и случувања кои ја одбележале Македонија во неговиот мандат.

„Тој свесно и по налог на неговиот шеф и патрон, Никола Груевски ја девалвираше и маргинализираше функција претседател и одлучи да биде диригиран од страна на Владата, и денеска, како во изминатите пет години не даде одговор на клучните прашања кои ги мачат граѓаните и државата“, изјави Ивановски, според кого, претседателот не изнел ни визија за иднината на Македонија.

И пратеникот Ивон Величковски, забележа за недостатокот на визија во обраќањето на претседателот: „Сметам дека говорот на претседателот беше статистичко обраќање, а не обраќање со визија“.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изрази задоволство од настапите на Иванов на меѓународна сцена и рече дека тој за време на мандатот работата ја извршувал совесно:

„Сметаме дека се работи за чесен политичар кој држи до своите принципи, особено кога станува збор за националните прашања.Она што на домашен план може да се каже за неговата работа и она што може да се согледа од неговото обраќање, одлика на неговото работење е отвореност во неговото работење, за што сведочи неговиот секојдневен настап и комуникација со граѓаните“.

Но, на новинарското прашање дали владеачката партијата ќе го поддржи Иванов во трка за втор мандат, Милошоски одговори дека е сè уште рано да се каже, а отсуството на поголемиот дел на пратениците од ДУИ за време на обраќањето на Иванов, го оцени како непочитување на функцијата претседател на државата.

„Денешниот говор го оценуваме како проштален говор на еден претседател во заминување, говор на модел на претседател кој што веќе нема да го поддржиме. Говорот на претседателот во заминување, уште еднаш го потврди ставот на ДУИ дека време е Република Македонија да има еден консензуален претседател“, рече Неџати Јакупи од ДУИ, партија која по денешниот говор на Иванов, излезе со јасен став дека веќе нема да прифати кандидат кој не е избран преку консензус и со договор меѓу релевантните политички чинители.

„Не треба да биде пресуден фактот дали ќе е Македонец или Албанец, туку треба да биде прифатлив за сите во државата“, рече Јакупи, според кого забележливото отсуство на дел од пратениците на ДУИ е израз на фактот дека „претседателот на државата во заминување ја нема оправдано поддршката на Албанците во Република Македонија.“
XS
SM
MD
LG