Линкови за пристапност

Раководството на ЗНМ попушти под притисок?!


Со што се согласиле челникот Насер Селмани и Управниот одбор на ЗНМ не е јасно по контрадикторните изјави.

По ненадејната прес-конференција во саботата на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и на Насер Селмани, лидер на репрезентативната новинарска асоцијација во државата – Здружението на новинарите на Македонија, а на која дел од медиумите не беа ни поканети, во новинарскот еснаф не се смируваат духовите.

Прес-конференцијата на тема „Тек на преговорите со ЗНМ за нацрт-закон на медиуми“, веднаш предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, но и покрај учеството на неа, Селмани децидно изјави дека „Здружението на новинари на Македонија не е во преговори со Владата и е против законот за медиуми!“. Тоа предизвика уште поголема конфузија меѓу новинарите, зашто ЗНМ ги прекина преговорите со Владата и побара законот за медиуми да го повлече од процедура, уште по демонстративното напуштање на прес-конференцијата на министерот Ивановски во март, и „затемнувањето“ на веб порталите во знак на протест, во мај.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис, која и во саботата прва јавно реагираше, денес за „Слободна Европа “ изјави:

„Единствено што ни преостанува е да ја делигитимираме согласноста што некој во наше име ја дал, за да покажеме дека новинарската заедница не се согласува со тоа што се случи. Ќе биде тешко, ова е голем удар, но она што не смееме да го загубиме е надежта и вербата дека се` уште постои здрав дел од заедницата кој не заборавил која е улогата на новинарите во ова општество!“

Според неа, и покрај вчудовиденоста и чувството на предаденост, новинарите го немаат луксузот да кренат раце и да молчат:
„Тоа им го должиме на сите колеги кои ги трпат последиците од состојбата во која се наоѓаат“, изјави Чаусидис за РСЕ.

Откако, според ТВ Нова, претседателот на ЗНМ, потврдил дека постоел притисок од меѓународниот фактор, реакциите на изненаденост меѓу новинарите, и викендов и денес не стивнуваат, иако и Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД во Македонија ја поздравија согласноста на Владата и на новинарите за придвижување на работите во однос на нацрт-медиумските закони, која „следува по напорните консултации за овие законски акти“.

„Се надеваме дека ова ќе го поплочи патот за редовен дијалог во однос на сите прашања кои ги засегаат медиумите, а кои се нагласени во Годишниот извештај на ЕУ и со тоа ќе придонесат кон создавање клима на доверба“, стои во заедничката изјава на делегацијата на ЕУ и на американската амбасада.

Самиот Селмани по конференцијата, потенцираше дека ЗНМ се` уште е против законот и дека реакциите не се основани, зашто целта на пресот наводно била само известување за прифатените барања од Министерството, а ЗНМ излезе со соопштение дека со Владата се согласиле само околу тоа:

„Интернет порталите да се исклучат од Законот за медиуми, ЗНМ како претставник на новинарите да предложи член во Советот на Агенцијата за медиуми и во членот 48 од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги да се додаде нов став, со кој ќе се појасни дека секое ограничување на содржина на медиуми, може да се направи согласно судската пракса на Еврпскиот суд за човекови права во Стразбур“.

Наводно, Владата се обврзала сите предлози на ЗНМ да ги имплементира најдоцна до крајот на јануари 2014 година.

И покрај ваквите изјави и соопштенија од раководството на ЗНМ, негативни беа речиси сите реакции на новинарските асоцијации, освен онаа од Македонската асоцијација на медиуми, во која беше изразено задоволство и тврдење дека наводно „законот е израз на волјата на мнозинството од новинарскиот еснаф.“

Од друга страна, Центарот за развој на медиуми го повтори ставот дека на Македонија не и` е потребен закон за медиуми и повторно побара од Владата да го повлече предлог-законот од собраниска процедура:

„... Сметаме дека какви било разговори и преговори зад затворени врати и надвор од рамките на една сеопфатна јавна и транспарентна расправа, се неприфатливи и штетни за слободата на медиумите во Република Македонија“, стои во соопштението на ЦРМ, во кое се вели и „евентуалното донесување на предлог-законот за медиуми, во предвечерјето на новогодишните празници, без притоа да се земат предвид ставовите и барањата на медиумската заедница која е против вакво законско регулирање на медиумската сфера, будат сомнеж дека намерите на власта не се добронамерни и дека нејзината цел е да ја зголеми контролата врз медиумите и новинарите. Ваквото однесување на власта дополнително ќе ги потврди констатациите на сите релевантни меѓународни организации дека во Македонија сериозно се загрозуваат слободата на изразување и слободата на медиумите.“

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници не бил ни известен, ни консултиран за намерите на ЗНМ да одржи заедничка прес конференција со министерот. „Очекувањето за известување и консултација ССНМ го темели врз основа на тоа што досега четири организации, ЗНМ, ССНМ, МИМ и ЦРМ се координираа за активностите поврзани со носењето на законите. ССНМ не отстапува од ставот дека Законот за медиуми не ги решава клучните прашања... Одговорноста за она што ќе следува ја гледаме на само во Владата, туку и во новинарските здруженија и оние кои вршеа притисок врз нив да дадат зелено светло за усвојување на Законот за медиуми“, реагираа од ССНМ.

И според Македонскиот институт за медиуми, закон за медиуми е непотребен зашто не ги решава клучните проблеми во медиумската зедница.

„Вчудовидени сме од најавата за дополнителни измени во законите. Изјавите на прес-конференцијата и искажаните ставови потоа, се контрадикторни и создаваат дополнителна забуна“ се вели во реакцијата нa Институтот кој изразува и загриженост дека „ваквиот тек на настаните дополнително ќе ја влоши медиумската состојба и ќе создаде уште поголем раздор во медиумската заедница“.

„Последните настани околу предлог-законот за медиуми и наводниот договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Здружението на новинари на Македонија, за промени во предложениот законски текст, недвосмислено покажуваат дека Владата сака, пред новогодишните празници, брзо, зад затворени врати, без широка јавна расправа и без меѓународен мониторинг, да биде усвоен законот за медиуми“, сe истакнува во денешното соопштение на Фронтот за слобода на изразувањето.

Едновремено, нe` вчудовидува и поддршката што меѓународната заедница му ја дава на овој нетранспарентен процес на експресно донесување на медиумските закони особено, затоа што, токму Европската комисија, неодамна, јасно и недвосмислено порача дека треба време и сеопфатна согласност за да се донесат законите за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги“, се вели во соопштението на Фронтот што го сочинуваат граѓанските организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, и Здружение на граѓани Контрапункт.
XS
SM
MD
LG