Линкови за пристапност

Македонија: Без големи очекувања по средбите во Њујорк


Коментарите во Македонија упатуваат на неверување дека решение за името наскоро ќе биде постигнато.

По неколкудневни официјални и неофицијални разговори кои се одвиваат на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк, шефот на македонскта диломатија повторно во изјава за медиумите констатира дека Грција е непопустлива, додека Македонија е посветена на изнаоѓање на компромисно решение.

„Покажавме капацитет да се дојде до компромис како што никој не може да замисли. Досега направивме огромни жртви со прифаќање на компромисно решение во 1995 година, со Привремената спогодба, што значеше промена на знамето, Уставот и дополнителни гаранции кон јужниот сосед, а за возврат не добивме ништо, освен понижувачко именување во Обединетите нации“, вели македонскиот министер за надворешни работи во интервју за новинската агенција Анатолија.

Во петокот премиерот Никола Груевски се обрати од говорницата на ООН со барање светската организација повеќе да се инволвира во решавањето на спорот за да се најде компромисно решение.

„Македонија во решавањето на спорот за името мора да се потпре пред се` на своите сили. Апелите до ОН и до меѓународниот фактор, дека тие се одговорни или неактивни, се погрешни“, вели професорот Денко Малески, беше прв минстер за надворешни работи во независна Македонија.

Според него, повикот на премиерот до ОН и меѓународниот фактор да не седат со скрстени раце по однос на спорот за името значи неразбирање на меѓународната политика.

„Овие чести апели кон ОН и кон меѓународниот фактор дека мора нешто да преземе, ја откриваат нашата одговорност. Ако самиот си помогнеш и Господ ќе ти помогне“, вели старата мудрост, рече Малески во разговорот за Телма.

Македонската делегација во Њујорк исто така инсистираше на реализација на пресудата на судот во Хаг според која Грција ја прекршила Привремената спогодба со вето за членство на Македонија во НАТО и старт на преговри за членство во ЕУ.

„Македонија успеа да докаже дека Грција го прекршила балансот, но за жал во меѓународното право нема извршители кои ќе ви помогнат да го наплатите долгот“, вели професорот Тони Десковски кој беше еден од советниците при застапувањето на Македонија пред меѓународниот суд во Хаг.

Тој во интервју за Канал 5 за последната посета на Нимиц кажа:

„Нимиц јасно кажа дека двете страни се во дисхармонија со САД и ЕУ кои стојат зад предлогот на Нимиц за компромисно решение презентирано на двете страни во април годинава“, вели Десковски.

Тој исто така напомена дека овој пат е позитивно што од говорот на шефот на грчката дипломтија Венизелос пред ООН може да се заклучи дека грчката страна отстапува од обвинувањата на сметка на Македонија за иредентизам, не ги споменува идентитетските прашања и се фокусира на решение кое што треба да ги разграничи териториите во регионот Македонија, едната во Грција и другата на Република Македонија.

Според коментарите поврзани со настаните во Њујорк дадени од страна на познавачи на состојбите во оваа област нема големи надежи дека Македонија и Грција ќе дојдат до заеднички прифатливо решение и покрај зголемениот ангажман на меѓународните фактори да го забрзаат овој процес.
XS
SM
MD
LG