Линкови за пристапност

Македонија: Граѓански спор прерасна во политички конфликт


Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, ги поддржува таканречените „Паркобрани“,но МВР вели дека се работи за заштита на законот

Втор ден центарот на Скопје е под барикади. Припадниците на Единицата за брзи реакции и натаму го обезбедува просторот спроти некогашниот хотел Бристол каде од четвртокот започна изградбата на објект што ќе биде седиште на Советот за радиодифузија. На денешниот и вчерашниот мирен ден им претходеше бурна ноќ, меѓу средата и четвртокот кога неколку стотини припадници на популарните Алфи, ги приведоа 11- темина жители на околните згради кои повеќе од еден месец деновите и ноќите ги минуваат во шатори, спречувајќи да започне изградбата на објектот кој, како што велат, ќе значи крај за уште една зелена оаза во метрополата. Приведените минале пет часа во полициска станица, по што биле пуштени, а во меѓувреме просторот бил ограден и затворен. Меѓу нив бил и еден советник од општина Центар и директорот надлежен за паркинзите во оваа општина.

„ Не опколија, влегоа внатре, не` прашаа дали имаме лични карти, кажавме да, ни кажаа да се спакуваме и не однесоа во полициска станица“, вели Олгица Станковска.

„Повеќе од пет часа бевме држени во полициската станица во Кисела Вода, за на крај да заврши со пријави за прекршување на јавна чистота, а јасно е дека немаа со што да не обвинат како граѓани кои што го бранат паркот, но сепак позицијата на власт и на моќ која што ја имаат во моментов им дозволува да се однесуваат така“, вели Александар Гочев.

За градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, кој им ја даде поддршката на популарно наречените „Паркобрани“ полициската акција во која според него учествувале 200 полицајци била непотребна и срамна.

„Такво однесување може да има само во полициска држава и мислам дека на сите во Република Македонија им е јасно дека имаме работа со тоталитарен режим“, вели Жерновски.

Од МВР велат дека полицијата била употребена за асистенција на корисникот на земјиштето, кое било узурпирано а оние кои го узурпирале го правеле тоа политички, самоволно и надвор од сите важечки закони, нанесувајќи му материјална штета на корисникот.

Во писмената реакција од МВР уште се наведува дека „врвот на СДСМ или не ја познава законската регулатива или намерно застанува на страна на прекршителите на законот.

„СДСМ практично предлага дека кој сака, кога ќе посака може да влезе во сечиј дом и институциите не смеат да помогнат иако граѓанинот поседува доказ за сопственост. Граѓаните знаат дека форсирањето на ваква политика на непочитување на законите, самоволие и анархија е погубно за секоја држава. Граѓаните знаат дека ваква политика на штитење нечии лични интереси и игнорирање на законите можеби наликува на мрачното минато на Македонија од времето на Бранко Црвенковски, но не и на земја аспирант за влез во евро-атлантските асоцијации“, се вели во реакцијата.

Иако во суштина граѓански, овој случај уште од самиот почеток доби политички димензии, со што оние кои се спротивставија на изградбата на новиот објект зад кој стои државата веднаш беа етикетирани како приврзаници на опозицијата. И синоќешната полициска акција, и потоа изјавите на локалните функционери, предизвикаа лавина реакции од двете најголеми партии.

Од опозициската СДСМ повикаа да продолжи отпорот:

„Сите чесни бранители на редот и мирот нека издржат уште малку, брзо ќе дојде времето кога нивниот професионализам ќе се цени и вреднува, нека не одат против сопствениот народ“, вели Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

На тоа, а и на изјавата на градоначалникот Жерновски следуваше остар одговор од владејачката ВМРО- ДПМНЕ.

„На Жерновски му беше понудено со комуналиите од објектот на СРД да се насадат 10 илјади дрва, а неговото одбивање е доказ дека неговата цел е само да создава конфилкти“, се вели меѓу другото во реакцијата.

„СДСМ и понатаму продолжува со ангажирање партиски војници кои треба да креираат свесен конфликт за 5 дрвја и парк од 483 метри квадратни пред хотелот Бристол“, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ на изјавата на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски. Ова сценарио под режија на СДСМ, потенцираат од ВМРО - ДПМНЕ, е веќе видено во неколку наврати.
XS
SM
MD
LG