Линкови за пристапност

Македонија: Кризата надмината


Под силен притисок на Европската унија се постигна договор меѓу власта и опозицијата.

Договорот предвидува опозицијата да се врати во парламентот и да земе учество во локалните избори. Исто така, предвидено е формирање на адхок комисија за утврдување на настаните од 24 Декември, а по локалните избори ќе се разговара за можноста за утврдување на датум за парламентарни избори. Решението на политичката криза дојде во тензична и незивесна атмосфера и по низа средби на европските претставници со политичкиот врв.

Во Скопје допатуваа Штефан Филе, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ, Стефанo Санино, како и поранешниот претседател на парламентот Јержи Бузек. Се сретнаа со претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Договорот се постигна попладнето околу 15 часот во резиденцијата на претседаталот Ѓорѓе Иванов, каде освен Груевски и Црвенковски, дојдоа и претставници на најтесниот партиски врв на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Деталите од договорот ги соопштија претседателот Иванов и известувачот Ричард Ховит.

„Договорот вклучува опозицијата да се врати во Парламентот и да учествува на изборите, да се формира ад хок комисија за настаните од 24 декември и резултатите од извештајот на таа комисија ќе бидат вклучени во Извештајот за напредокот на Македонија, во октомври“.

Ќе се разговара за изборниот законик после локалните избори врз основа на Извештајот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. После локалните избори треба да се сретнат сите политички партии и да ја разгледаат можноста за предвремни парламентарни избори, изјави Ховит.

Иванов истакна дека е задоволен што конечно се постигнал договор и им се заблагодари на претставниците на ЕУ што вложиле силен напор да помогнат во решавање на кризата.

„Морам да искажам задоволство од позитивниот однос и на лидерите на власта и на опозицијата што конечно овозможија европската агендка да се врати повторно на дневен ред во Македонија”, рече Иванов.

Овој договор моментално ја стабилизира кризата која се случи по настаните од 24 декември кога се носеше буџетот. Ховит меѓу редови порача дека мора да се докаже подготвеноста за вистинско решавање на кризата, велејќи „иако договорот дојде доцна, не е предоцна”.

Денешниот договор се носеше во прилично неизвесна атмосфера, а освен десетиците новинари, за средбите будно и на лице место информации чекаа и повеќе амбасадори и дипломатски претставници од земјава.
XS
SM
MD
LG