Линкови за пристапност

Дел од Македонија е под вода

  • Синиша Станковиќ

Интензивните врнежи предизвикаа Струмичко поле да плива во вода, а постои опасност од попуштање на браната Слатино

Обилните дождови ја поплавија Струмица и нанесоа огромни штети во градот и во околината. Реката Струмица се излеа од своето корито и поплави дел од градот, со количество вода кое не го паметат ни постарите струмичани. Поплавени се и земјоделските површини во селата Муртино, Добрејци, Просениково, Дабиље, Моноспитово,... , а населението се обидува со пумпи да ја испумпува водата од дворовите и од нивите. Првичните проценки во медиумите се дека се полавени над 1.500 хектари обработливи површини. Според Центарот за управување со кризи, надојдените води урнале неколку мостови во струмичките села, а се прелеала и браната „Турија“, но ситуацијата таму е под контрола. Медиумите јавуваат за големи штети, а нивната проценка допрва ќе ја врши кризниот штаб.

Градоначалникот на Струмица Зоран Заев за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека во градот Струмица нема поплавени домови заради редовното чистење на отворените и затворените атмосферски канали во градот.

„Проблемот настана со излевање на реките, речните корита и канали во целата струмичка котлина, така што последиците врз одредени села во Струмица и врз еден дел од градот се изразени од поплавување на реките во атарите на селата Сушево, Владевци, Ангелци во општина Василево... Надојдените води прво го поплавија селото Добрејци и дојдоа и на дел од територијата на градот Струмица каде што поплавија улици, урбана инфраструктура и дворови на некои куќи. Кај нас, најголеми штети се нанесени врз плодните површини, буквално цело струмичко поле плива во вода, а вода во дворовите и во некои куќи има во селата Добрејци, Градско Балдовци, Муртино, Сачево, каде буквално се е слиено со Моноспитовскиот канал“ ни изјави Заев, кој најави максимално ангажирање на сите општински структури за надминување на проблемите.

Струмичкиот регион вчера го посети министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски кој изјави: „Активирана е механизацијата, исто така им се дадени пумпи на домовите, каде што има навлезено вода. Активно се следи ситуацијата и во координација со општините преземаме мерки се со цел да спречиме евентуални поголеми поплави, бидејќи се очекува и во наредните денови да има поројни дождови во регионот на Струмица, но и ширум територијата на Република Македонија“.

Поплави деновиве имаше и во Валандово, Радовиш и Гевгелија, во Пелагонија имало интензивни врнежи од град, а водата за пиење во Кавадарци е заматена од врнежите. Поројни врнежи од дожд во Кичевско поплавиле над 300 хектари обработливи површини.

Но, најсериозна е состојбата со браната во Слатино во општина Дебарца. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека од браната истекуваат 4-5 метри кубни вода во секунда, а вкупното оштетување на браната е со должина од 15-20 метри и со висина од околу 18 метри. Уривањето на дел од земјениот насип на Слатинската брана и евентуалното неконтролирано испуштање на водата можат да предизвикаат нови големи штети.

Оштетувањето е од сериозни размери ... условите, за жал, не одат во прилог доколку се земат предвид временските прогнози.

Според дел од медиумите, хидролозите предупредиле дека иако не станува збор за голема количина на вода акумулирана во вештачкото езеро, уривањето на земјената брана ќе предизвика штета на обработливите површини, а евентуалната повторна изградба на акумулацијата би изискувала големи средства. Во случај да попушти земјената брана, во медиумите излезе проценка дека неконтролирано ќе се излеат околу 700.000 кубни метри вода кои се проценува дека ќе уништат голема површина плодно земјиште во атарите на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издеглавје.

Експертите цитирани во медиумите, сметаат дека причината за попуштање на браната не е само дождот, туку и сеизмичката активност на Преспанско-Охридскиот регион и земјотресот од минатата недела. Браната во Слатино, која е направена во 1963 година, попуштила и во јануари 2011 година, кога земјениот насип пропаднал на површина од околу 80 квадратни метри.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, кој го посети локалното население и направи обиколка на браната, вчера изјави: „Сакав на лице место да ја согледам состојбата со браната во Слатино која, како државни институции, изминативе денови редовно ја следиме. Оштетувањето е од сериозни размери. Останува координирано да делуваме во рамки на можностите и условите кои, за жал, не одат во прилог доколку се земат предвид временските прогнози“.
XS
SM
MD
LG