Линкови за пристапност

Шефот на германската дипломатија загрижен за состојбата во Македонија


Гидо Вестервеле денеска во Скопје упати апел до политичарите да мислат на иднината на земјата и да покажат подготвеност за компромис, флексибилност и демократска соработка.

„Не сакам да кријам дека ние сме загрижени заради веќе долготрајната внатрешна политичка криза, којашто се одвива овде во Скопје и затоа јас најенергично апелирам да се почитуваат правилата на демократските игри и да се воспостави сериозна парламентарна работа. Овој апел е упатен до сите, во смисла навистина да се воспостават средени односи врз основа на заемната почит меѓу етничките Македонци и Албанци, засновани на Охридскиот рамковен договор", изјави Гидо Вестервеле.

Вестервеле нагласи дека Германија ќе одлучи дали да ја поддржи Македонија на јунскиот Совет на министрите на Европската Унија откако ќе го види извештајот кој во април ќе го објави Европската комисија.

Извештајот на ЕК, како што беше најавено, со оглед на актуелната политичка криза ризикува да има негативна оценка за напредокот на Македонија.

Јас апелирам до сите да ја видат целта, да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат својата сопствена одговорност, да мислат на судбината и на иднината на вашата земја
Гидо Вестервеле

„Јас апелирам до сите да ја видат целта, да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат својата сопствена одговорност, да мислат на судбината и на иднината на вашата земја и да покажат доволна мерка на готовност за компромиси, доволна флексибилност за да се вратат кон една средена демократска соработка", изјави Вестервеле по средбата со неговиот домаќин министерот Никола Поповски.

Шефот на германската дипломатија покрај средбата со Поповски се сретна и со шефот на државата Ѓорѓе Иванов и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Вестервеле немаше средба со премиерот Груевски. Неговиот кабинет не образожи зошто премиерот не се сретнал со германскиот минстер.

Премиерот Груевски, како што соопшти неговиот кабинет, вчера разговарал телефонски со Вестервеле.

„Премиерот Груевски изразувајќи голема благодарност за поддршката која Германија и` ја дава на земјава во повеќе сфери, а посебно во европските и евроатлантски интеграции и во реформскиот процес кој го спроведуваме, ја истакна и својата подготвеност да продолжи со остварувањето на нашите стратешки определби, и одржувањето стабилна реформска агенда на државата на принципиелни основи, информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој објасни дека премиерот Груевски е во постојана комуникација и со германската колешка, канцеларката Ангела Меркел која, како и Вестервеле, е голем поддржувач на Македонија.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле во Скопје допатува од Тирана. Пред заминувањето од Тирана, Вестервеле порача дека „нема играње со границите“. Тој на албанскиот премиер Сали Бериша му порача дека играњето на националистичката карта е неприфатливо.

„Заедничката цел мора да биде државите од регионот еден ден да станат дел од ЕУ. Оттука за нас менувањето на границите не доаѓа во предвид, ниту тука на Балканот. Границите го губат значењето во Европа“, порача Вестервеле.
XS
SM
MD
LG