Линкови за пристапност

ЕУ И САД синхронизирано во обид да помогнат во решавање на кризата


Macedonia
Macedonia

Акцентот е на одговорноста на политичките раководства кои се повикуваат да покажат зрелост, вели за Гласот на Америка професорот Денко Малевски

Комесарот за проширување на ЕК, Штефан Филе прави уште еден обид да го стимулира процесот за изнаоѓање на излез од политичкиот ќорсокак во кој западна Македонија. Денеска неговиот портпарол од Брисел ја пренесе пораката упатена до лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Еврокомесарот испратил писма до премиерот Никола Груевски и до лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, во кое се изразува длабока загриженост за ситуацијата во Македонија, изјави денеска на прес конференција Петар Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Во писмото Филе нагласува дека до решение мора да се дојде преку политички дијалог и компромис.

„Ние сме подготвени да се вклучиме со политичките чинители во изнаоѓање решение добро за земјата, но треба да се види волја од нивна страна. Во сегашните околности не гледаме отвореност за ова прашање. Ние не се откажуваме од поранешната југословенска Република Македонија“, вели Филе во писмото, изразувајќи подготвеност да дојде во Скопје доколку се создадат услови за неговата посета од страна на политичарите до кои е адресирано писмото.

На прашањето како Македонија да ја надмине политичката криза и бојкотот на изборите од страна на опозицијата, портпаролот на комесарот Филе нагласи дека решението е во Скопје, не во ЕУ.

Одговорот на писмото Филе го доби попладеново од двете страни.
Премиерот Груевски изразил благодарност за континуираната поддршка која еврокомесарот Филе ја дава на Република Македонија и на реформскиот процес како и „за заедничкиот напор што во изминатите неколку години ја повлече напред нашата земја создавајќи прогрес кој ја отвори можноста понудена од Европскиот Совет на декемвриски самит во 2012 година“.

Премиерот изразил и жалење за тешкотиите за надминување на политичките предизвици произлезени од настаните на 24 декември и деструктивното однесување на опозицијата, истакнувајќи дека е свесен за тоа каков ризик се отвора за споменатата можност во контекст на европската агенда.

„Истакнувајќи дека еврокомесарот Филе е добро запознаен со сите наши обиди и заложби за придвижување на работите и надминување на состојбите дури и кога наспроти нашата отвореност, подготвеност за дијалог и компромис наидуваме на несериозен и нерационален пристап од другата страна“, напишал премиерот Груевски, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиевски пренесувајќи и на јавноста акценти од писмото на Груевски упатено до Филе.

Од страна на СДСМ одговорот стаса од потпретседателот на оваа партија, Зоран Јовановски.

„Сите активности на СДСМ, вклучително и предлогот од минатиот петок, се фер, конструктивни, демократски, позитивно насочени, но власта тоа и понатаму не го разбира и покажува инает за кој странците мораат да ни укажуваат. Во секое демократско општество одговорноста за состојбите во земјата оди кај власта и сега е моментот Груевски да го направи тоа што треба да го направи“, кажа Јовановски, кој на прес конференција ги потврди информациите дека генералниот секретар на СДСМ , Андреј Петров, е во Брисел.

„Тој таму има средби со повеќе претставници на Унијата и неговата посета таму е со цел тој повторно да ги објасни и реафирмира ставовите на СДСМ околу тековната политичка ситуација во Македонија. „Ние нашиот предлог го дадовме, и на потег е премиерот Груевски“, вели Јовановски.

Со изјава за актуелните случувања истапи и амбасадорт на САД, Пол Волерс.
„Нашата позиција е дека кризата, доколку може да се нарече криза, треба да биде надмината за доброто на државата. Сметам дека политичките лидери, како во Владата така и на опозицијата, треба да работат заеднички за доброто на иднината на земјата, на Република Македонија, а не само за своите политички интереси“, изјави амбасадорот на САД.

Гласот на Америка за овие нови пораки на меѓународните фактори го консултираше професорот Денко Малевски.

„Овој пат гледаме една синхронизирана акција на САД и ЕУ. Од двете страни се става акцент на одговорноста на политичките раководтсва кои се повикуваат да покажат зрелсот и да изнајдат решение, но од друга страна како што вели комесарот се ставаат на располагање да го помогнат тој процес“, ни рече Малевски. Тој додава дека е важно да се протолкуваат правилно нивните пораки кои според него се упатени на двете адреси. За власта, дека парлaмент без опозиција нема легитимитет и поради тоа власта мора да вложи напори да се реши проблемот, и другата порака упатена кон опозицијата дека тие немаат намера да подржат бојкот.

„Решението е во помирување на тие два екстрема“, ни изјави Денко Малевски.
XS
SM
MD
LG