Линкови за пристапност

Македонија: Протести против поскапувањата


АМАН бара надзорна расправа за Регулаторната комисија.

Граѓанското здружение АМАН (неформално организирано од иницијативата „Аман, доста е!“) побара од Собранието, Советот за економски прашања да свика надзорна расправа за работата на Регулаторната комисија, на која членовите на Комисијата би ги ги објасниле поскапувањата и би ги елаборирале пред јавноста начинот и методологите со кои ги зголемуваат цените.

Како неформално движење на граѓаните незадоволни од перманентните поскапувања на цените на основните животни потреби, пред се` на електричната енергија, парното греење и бензините, АМАН и попаднево продолжи со протестите пред Регулаторната комисија во Скопје, но и во Битола, Штип, Куманово и во Прилеп.

Паролата со која тоа граѓаните протестираат е „Крадци, не ви плаќаме повеќе!“. Поради наглото осиромашување на граѓаните, во медиумите се најавуваат и можности за радикализација на протестите, а организаторите баарат солидаризирање со нивните барања од поголем број граѓани, но и вклучување на синдикатот во протестите. И додека Сојузот на синдикатите на Македонија - ССМ не се огласува, еден од гранковите синдикати, Синдикатот на управата и правосудството – УПОЗ, му даде поддршка на АМАН. Од редовите на УПОЗ најавија и дека евентуалното продолжување на трендот на зголемување на цените, може да предизвика и порадикално изразување на незадоволството на улиците. И УПОЗ бара ССМ да покрене расправа за загрозениот животен стандард и да бара Владата да преземе конкретни мерки з апомошна граѓаните.

Иницијативата на АМАН ја подржа и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, чиј став е дека поскапувањата ги засегаат сите граѓани, независно од професионалната, националната, партиска или каква било друга припадност и затоа се бара „да се врати евтината дневна тарифа на електричната енергија и таа да биде на ниво од 2008 година, да се укине ставката ангажирана моќност од 33 проценти, да се повлече новиот правилник на Топлификација, да се врати цената на парното на ниво од 2008 година и да се намалат цените на горивата во согласност со стандардот на луѓето во Македонија“.

Граѓанската иницијатива во Куманово ја подржаа и членовите на сдружението на стечајци „Унит“.

Поради поскапувањата реагираше и опозицијата. Откако Владата не се изјасни за нејзиниот предлог за разрешување на претседателот и на членовите на Регулаторната комисија за енергетика, чии контроверзни одлуки ја разбрануваа македонската јавност, минатата недела СДСМ поднесе во Собранието барање за интерпелација на претседателот на Комисијата, Димитар Петров. СДСМ побара одговорност од Владата на Никола Груевски и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ „за постојаните поскапувања на нафтените деривати, струјата, парното, заради што поскапуваат и основните животни продукти, а граѓаните не знаат како да сврзат крај со крај во месецот... Факт е дека актуелната Влада не сака ништо да стори за да им помогне на граѓаните. Додека властите во Франција со буџетски средства ги намалуваат цените на бензините, а Србија ја врати дневната евтина тарифа на струјата, Груевски се шета по странство како ништо да не се случува во Македонија“, наведе СДСМ во соопштение до јавноста.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, излегоа со демант дека цените на енргенсите, на нафтата и на струјата, не зависат од Владата или од домашните услови во економијата, туку од ценовните движења на светските берзи и побара опозицијата да посочи „во која држава во Европа не се покачуваат и менуваат цените на енергенсите, а особено на нафтата“.
XS
SM
MD
LG