Линкови за пристапност

Амбасадата на САД ќе следи дали Советот за радиодифузија ќе го задржи аршинот


Најави дека ќе гледа дали принципот што доведе до одземање на дозволата на А2 ќе „се применува подеднакво стриктно врз сите телевизиски станици“.

„Се согласуваме дека сите медиуми треба да ги почитуваат сите обврски што произлегуваат од поседувањето на дозвола, и тоа е исклучително важно за постоењето на независна и избалансирана медиумска клима, но гледаме дека А2 е првиот радиодифузер врз кого е извршено ова барање“, наведува Амбасадата на САД во Македонија, реагирајќи на одлуката на Советот за радиодифузија (СРД) да ја одземе дозволата на приватната ТВ-станица да емитува програма.

“Одблиску ќе ги следиме процедурите на Советот за радиодифузија, за да потврдиме дека нивниот мониторинг на содржини.
Амбасада на САД воМакедонија

“Одблиску ќе ги следиме процедурите на Советот за радиодифузија, за да потврдиме дека нивниот мониторинг на содржини, со цел потполна усогласеност со радиодифузната регулатива, се применува подеднакво стриктно врз сите телевизиски станици“, гласи завршната реченица во кусото писмено соопштение на Амбасадата.

А2 вчера остана без лиценца откако Советот за радиодифузија по жестока дебата со 11 гласа за и 4 против одлучи дека телевизијата не ги исполнува програмските стандарди, со што случајот со А2 стана прв случај во Македонија, но и во регионот, кога се одзема дозвола на медиум поради непочитување на програмскиот стандард. А2, и покрај неколкуте дадени рокови да го усогласи работењето со Законот за радиодифузната дејност, односно со условите од дозволата, програмски се` уште значајно отстапува од претежно забавниот општ формат што и е доделен, се аргументите на Советот.


„Наместо најмногу 65 проценти програма од забавен карактер, колку што и е дозволено, А2 емитува над 76 проценти музички спотови. Само 11 отсто од програмата на телевизијата е информативна, 13 проценти е документарна, но и од овој процент одвај една третина се премиери, а останатиот дел се репризи“, соопшти претседателот на Советот Зоран Трајчевски.

Аргументите на некои од членовите на Советот, пак, се дека „не е работа на СРД по секоја цена да се обидува да затвори одреден медиум, туку да овозможи фер услови на медиумскиот пазар“, дека во Македонија има медиуми кои го прекршуваат членот 11 од Законот што забранува јавни функционери да поседуваат медиум, но сепак, нивната дозвола за работа не е доведена во прашање и дека со оваа одлука Советот си ја доведува својата непристрасност во прашање. Приговорот на дел од советниците дека кај телевизијата во последните 15 дена (последниот рок за прилагодување) има евидентен напредок Трајчевски го отфрли, упатувајќи на писмен допис од стечајниот управник на А2, Ацо Петров, во кој се наведува дека новата програма на А2 ја реализирале независни продукциски куќи без регулиран однос со медиумот.


Одлуката на СРД ќе биде доставена до судот и до стечајниот управник Ацо Петров, според кого судот потоа ќе ја донесе конечната одлука до стечајот.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изрази згрозеност од одлуката на Советот за одземање на дозволата на А2 во период кога телевизијата почнала да се консолидира и да нуди можност за вработување на голем број новинари кои останаа без редовни примања по затворањето на А1.


„Особен револт предизвикува цинизмот во образложението на Советот за радиодифузија за одземање на дозволата поради `непочитување на програмската шема`. Во услови кога се кршат правилата на СРД по сите основи, и тоа секојдневно, броењето проценти на забавната програма е хипокризија. Совпаѓањето на датумот на одземањето на дозволата со договорот за декриминализација на клеветата нема да ја намали тежината на одлуката за А2“, се вели во соопштението од Самостојниот синдикат.

За Македонскиот институт за медиуми, одземањето на дозволата за емитување на А2 телевизија „сериозно ја загрозува слободата на изразувањето и медиумскиот плурализам во Р.Македонија“.

„Членот 63 од Законот за радиодифузија не содржи експлицитна одредба дека основ за одземање на дозвола може да биде непочитување на програмскиот формат. Експертите на Советот на Европа, при изготвувањето на Законот за радиодифузија од 2005 година, децидно предупредија дека таква одредба во законот не смее да постои, заради можноста од нејзина злоупотреба“, се вели во реакцијата на МИМ. Институтот бара од Советот за радиодифузија да ја информира јавноста дали и другите телевизии во целост се придржуваат кон програмскиот формат, или се работи за селективна примена на Законот.
XS
SM
MD
LG