„Северна Македонија и луѓето заслужија почеток на преговорите за членство. Иако тоа не е членство, јасно е дека вие сте добро подготвени и напредувате за да ги почнете преговорите. Иако сè уште не е јасно дали Советот ќе биде едногласен во однос на оваа одлука, ние работиме во таа насока. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги подржите реформите. Не е време само да ги славите успесите кои реално се постигнати, сега треба да се сконцентрирате и на активности кои се од суштинска важност за вашата земја”, изјави европратеникот од Естонија, Туне Келам, челник на делегацијата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Во делегацијата која е во посета на Скопје, за на средби со претставниците на власта, опозицијата и граѓанското општество, да го оцени напредокот на Македонија во европските реформи, како и подготвеноста за можни пристапни преговори, членуваат европратениците Кнут Флекенштајн од Германија, Кристиан Преда од Романија, Хуан Фернандо Лопез Агилар од Шпанија и Илхан Ќучук од Бугарија.
Тие денес се сретнаа со претседателот на Владата Зоран Заев, замениците, министрите за европски прашања Бујар Османи, за одбрана Радмила Шекеринска, и за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министрите за правда Рената Дескоска и за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како и со заменик - министерот за надворешни работи Андреј Жерновски.
„Знаеме дека пред нас има долг пат за одење, кој ќе биде исполнет со макотрпна работа и силна волја. Но, гордо можеме да кажеме дека денес судството е понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, изјави Заев на средбата со делегацијата на ЕП.
Според соопштението на кабинетот, Заев изразил надеж дека средбите на делегацијата ќе бидат успешни и „ќе ги потврдат заложбите на Владата за стратешката насоченост кон европска интеграција, ја изразил благодарноста на Владата и на граѓаните на Македонија за несебичната поддршка на ЕП и на европратениците од сите идеолошки групи, на Европската комисија, на Европскиот совет и на Советот на Европската унија, како и државите членки на ЕУ“.
Европратеникот Келам ја истакна важноста на претстојните претседателски избори кои, според него, ќе бидат дополнителен аргумент за поддршка на Северна Македонија и оти од клучно значење ќе биде да се се спроведат на правичен и транспарентен начин.
„Зборувавме и со Владата и опозицијата. Со лидерот на опозицијата зборувавме утрово и тој ,исто така, ја истакна имплементацијата. Добрата вест е што тие се подготвени да продолжат со соработката во Парламентот и со ‘Дијалогот Жан Моне’ кој, за жал, беше прекинат, но не засекогаш. Најважните реформи сега се судските, да се преземе контрола врз корупцијата, да се заузда. Добрата вест е дека Владата е свесна за приоритетите. Се разбира, нив ги нагласи и ЕУ. Распоредот на реформите може да се реализира, ние само ги укажуваме приоритетите”, изјави Келам.
Членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и честитаа на Република Северна Македонија за спроведеното во последните две години, потенцирајќи дека денес гледаат една сосема друга земја – земја во процес на прифаќање на нејзиното членство во НАТО, земја која остварува позитивни резултати на планот на внатрешните реформи.
„На ЕУ ѝ треба Република Северна Македонија, колку што и на земјата ѝ треба ЕУ, и токму затоа земјата треба во наредните четири месеци да испорача силни аргументи според кои Европскиот совет ќе биде убеден дека треба да го исполни ветеното и да бидат отворени првите поглавја од преговорите, врз основа на спроведените реформи за кои ќе биде постигнат консензус и кои ќе се реализираат во амбиент на конструктивен политички дијалог во земјата“, е став на членовите на делегацијата.
Facebook Forum