Линкови за пристапност

Светската банка прогнозира посилен раст на македонската економија


Се предвидува во 2018-та година економскиот раст да изнесува 3.2 проценти, наспроти 1.5 колку што бил во претходната година

Политичката криза во Македонија негативно се одразила врз економијата во 2017-та година.

Бруто домашниот производ (БДП) пораснал за 1,5 проценти, најниско ниво во регионот на Балканот, стои во најновиот извештај „Глобални економски перспективи“ на Светската банка.

Економистите од Вашингтон предвидуваат дека економскиот раст во Македонија во новата година ќе се врати на претходните нивоа, и ќе изнесува 3,2 процента.

Минатата година најдобар раст во регионални рамки, постигнала Турција, со 6,7 проценти, додека најдобри економски прогнози за 2018-та има Косово, од 4,8 проценти.

Светската банка во најновиот извештај предвидува дека глобалниот економски раст во 2018-та ќе изнесува 3,1 процент, многу посилен од очекувањата во претходната година, пред се` поради растот на инвестициите, производството и трговијата.

Развиените економии се очекува да растат од 2,2 проценти, бидејќи Централните банки постепено ги отстрануваат мерките за стабилизација воведени по економската криза.

Растот кај економиите во развој, се предвидува да зајакне до 4,5 проценти, бидејќи зајакнува активноста кај извозниците на производи, пред се` поради зголемувањето на цените и побарувачката.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG