Линкови за пристапност

Сексуално насилство во МВР и АРМ


Наспроти Меѓународиот ден за борба против насилството врз жените денес, минатата недела, една вработена во Армијата и шест вработени во МВР, пријавиле обид за обљуба на работно место и повеќегодишно секскуално вознемирување

Денеска ширум светот се одбележува Меѓународниот ден против насилство врз жените – 25 Ноември, официјално прогласен со резолуцијата на ООН 54/134, од 1999 година, а мотото годинава е: „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето”.

Денешниот Меѓународен ден, во Македонија го означува почетокот на традиционалните 16 дена активизам, до Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември.

Но, токму наспроти празникот, минатата недела, два одделни случаја објавени во медиумите, предизвикаа реакции во македонската јавност. На 19 ноември, вработена во Армијата на Република Северна Македонија, пријавила во Секретаријатот за внатрешни работи во Куманово дека колега се обидел да изврши обљуба врз неа на работното место, во кумановската касарна „Боро Менков“. Според полицијата, бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

А Министерството за одбрана веднаш испрати соопштение во кое се вели: „Министерството најстрого осудува секаков обид за сексуално вознемирување. Сексуалното вознемирување во Армијата е апсолутно недозволиво. Случајот се испитува и доколку се докаже, Министерството ќе има нулта толеранција.Никој не смее да помисли да ги вознемирува припадничките на Армијата и да го намалува угледот на Армијата“.

Во петокот, пак, во медиумите беше објавена вест дека шест полициски службенички вработени во МВР, „повеќе од година дена биле изложени на сексуално вознемирување и полово дејствие со закани и континуирано психичко малтретирање, понижување и повредување на нивното достоинство и со притисоци на работно место од раководно полициско лице во полициска станица“.

Според медимуите, иако случајот бил претходно пријавен во МВР, наводно немало никаква реакција, па едната од вознемируваните припаднички на МВР, со заштитен идентитет поради стравување професионалниот интегритет, преку медиумите, апелирала надлежните институции, пред сè, Основното јавно обвинителство, да ги истражат случаите.

На барање на Гласот на Америка на македонски јазик за изјава од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, ни го испрати официјалното соопштение на Министерството, во кое се вели:

„За случајот известени се Одделението за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кои веќе преземаат мерки и активности за негово расчистување и строго санкционирање. Веднаш по расчистувањето, ќе ја известиме јавноста. МВР има строга политика околу сексуалното вознемирување, и го осудува како апсолутно неприфатливо и недозволиво“.

Реагираше и Независниот полициски синдикат, кој побара итни заштитни мерки за полициските службенички, зашто постои сомневање дека бројот на вознемирувани припаднички на полицијата е повисок од шесте вработени кои ги пријавиле случаите.

Македонија е земја-потписничка на Истанбулската конвенција, но случаите на насилство врз жените продолжуваат да бидат пречка за постигнување целосна еднаквост и за исполнување на човековите права на жените.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG