Линкови за пристапност

Заев со нова „бомба“; Ставрески демантира


Водачот на СДСМ тврди: „Фалсификувана е вистината за економската состојба на Македонија по налог на Никола Груевски“. Министерот за финансии вели: „Замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст“

Водачот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев денеска објави нови аудио-материјали од наводни телефонски разговори на владини претставници.

„Рековме дека секоја следна информација ќе биде пошокантна од предходната“, рече Заев на почетокот на прес-конференцијата, истакнувајќи дека денешните наводни телефонски разговори се помеѓу министрите за финансии и за внатрешни работи Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, инаку едни од најблиските соработници на премиерот Никола Груевски.

„Денеска ќе слушнете зошто токму Јанкулоска и Ставрески се најприслушувани министри во Владата. До Јанкулоска и Ставрески, Груевски и навечер дава инструкции. Признанија лично од Ставрески и Јанкулоска, што ќе потврдат за се` што досега ние предупредувавме, за хаосот на буџетот и колапсот на економијата. Фалсификувана е вистината за економската состојба на Македонија по налог на Никола Груевски“, рече Заев, објаснувајќи дека се работи за разговори од периодот на ребалансот на Буџетот за 2012-та и проекциите за Буџетот за 2013-та, но и за 2014-та, како и тоа зошто Буџетот за 2012-та требало да се донесе зад затворени врати.

Според него, емитуваните разговори покажуваат дека премиерот Груевски издавал наредби да работат противзаконски, да подигнуваат милионски кредити од странство, трошоци за реклами, за споменици и уметнички слики, во исто време кога биле доведени во прашање платите на вработените во администрација.

„Самиот Ставрески признава дека парите за споменици се фрлање пари, а Груевски бара 300 - 400 милиони евра за слики за музеи. Јанкулоска вели - полицајците живеат на железни кревети и се покриваат со ќебињата од ЈНА“, кажа Заев.

Во десетината телефонски разговори што беа презентирани во Прес-центарот на СДСМ, двата гласа, едниот машки и другиот женски, во повеќе наврати ја коментираат економската ситуација во Македонија, состојбата на државниот буџет и енормните трошоци, при што во неколку наврати користат навредливи зборови за владини и локални функционери, но и за нивниот надреден, првиот човек на Владата.

„Кога гледам вака и комуњарите ова што го употребуваат „забегани“, тоа е тоа...“

„...Не е подобро, ние додаваме нон - стоп трошоци и обврски, не постои нормална земја во светов, Америка да беше, немаше да издржи. Нема седница на Влада..., не знам што праиме, ние сме лудаци. Трошиме на чоколадо, а немаме леб, тоа правиме...“ – ова се дел од дијалозите од денеска презентираните аудио-материјали, коишто по завршувањето на прес-конференцијата им беа поделени на новинарите како аудио-материјал и транскрипти, а поставени се и на Интернет-страницата на опозициската партија.

„Ова е само мал дел од разговорите со Ставрески и Јанкулоска, говорат за хаосот и катастрофалната состојба во Македонија. Ако на Јанкулоска и Ставрески им било неиздржливо, зошто не си заминале од Владата, дали знаеле дека ги следат“, рече на крајот водачот на СДСМ. Тој уште еднаш најави дека „ќе одат до крај“ и притоа повика на трпеливост.

Одговaрајќи на новинарско прашање - каква разврска се очекува, бидејќи Груевски одбива да поднесе оставка, но и формирање на техничка влада, Заев рече дека во Македонија кога-тогаш мора да има политичка завршница, бидејќи правна „не очекува“.

„Ова е веројатно најголемата политичка криза од осамостојувањето и Никола Груевски секојдневно ја внесува Македонија се` подлабоко. Решенијата ќе дојдат на повидок, верувајте дека ќе ги испорачаме, мора да има политичка разрешница, судска не очекуваме“, рече Заев, изразувајќи надеж дека „нема да му падне на памет на Груевски да прави немири“, притоа алудирајќи на последното соопштение од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, за седницата на Централниот комитет на партијата во коешто се повикува на борба, којашто потоа беше коригирана како „политичка“ .

Заев, одговарајќи на прашање, уште еднаш потенцира дека во материјалите што ги поседуваат нема докази за евентуални нарачани убиства.

На наводите на Заев, со своја прес-конференција денес реагираше министерот Ставрески.

„Ништо од она што Зоран Заев денеска го зборуваше, не е дел од реалноста. Слушнавме замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст“, изјави Ставрески.

На новинарско прашање - дали она што е на снимките е веродостојно, тој одби да коментира.

„Заради карактерот на снимките, кои се стекнати нелегално и креирани и со кои се располага на незаконски начин, во оваа фаза не можам да коментирам, посебно за нешто што ќе биде резултат на правна разрешница. Кога институциите ќе ја завршат постапката, ќе дојдат сите факти“, изјави Ставрески и притоа само се осврна на случајот со кредитот од Ексим банката за финансирање изградба на автопати во Македонија.

Денес презентираните снимки, како што рече Ставрески, имале за цел да внесат раздор во економскиот тим на Владата и оцени дека тие се нецелосни.

„Тоа што се презентираат само селективни снимки, а сме имале и снимки каде со премиерот сме имали исти ставови за реформи со кои сме се согласиле, а тие не се појавиле, според мене значи дека во оваа фаза се издвојуваат одредени работи од селективна природа, за да не прикажат како вакви или такви луѓе, или да внесат раздор и да внесат немир во општеството. Тоа ќе се види“, кажа Ставрески.

Во останатиот дел од прес конференцијата, закажана ненадејно, Ставрески истакна дека македонската економија е во добра состојба и дека никакво сценарио за банкрот нема да се случи. Според него, нормално било луѓето во Владата да имаат различни мислења, „но сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат, се разменуваат аргументи за на крај да се бира најквалитетно решение за граѓаните, согласно програмата“.

XS
SM
MD
LG