Македонија е најголемиот добитник од Самитот во Трст – владини претставници го сумираат собирот на врвот на ЕУ и највлијателните држави-членки со шесте земји од Западниот Балкан. Ваквата проценка надлежните во Скопје ја темелат на одлуката Унијата да помогне со десетици милиони евра неповратна помош за доизградба на железничката линија кон Бугарија, која е еден од клучните сегменти на Коридорот 8.
„Од Вкупниот грант кој изнесува 194-те милиони евра Македонија доби 70 милиони евра, што значи дека 40 отсто од парите и се доделени на Македонија, иако таа е само една од 6 земји и една од помалите држави“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Станува збор за пругата од Бељаковце до крива Крива Паланка - грантот на ЕУ ќе покрие 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница. Освен одредувањето јасни фондови како конкретна помош, политичката порака на Унија пратена од Трст е дека е нема дилема за европската перспектива на регионот: „Брисел ќе испорача, ако Балканот испорача“.
„Да се одржува европската перспектива на Западниот Балкан, дека регионот и неговите жители навистина сакаат да биде дел од ЕУ. Ние, од европска страна сме решени да ја држиме вратата отворена и да гарантираме дека имаат иднина со нас, штом вистинските реформи се имплементирани“, изјави Федерика Могерини од ЕУ.
За потребата од имплементирање на реформската агенда било зборувано и на средбата меѓу германската канцеларка и македонскиот премиер. „Ангела Меркел најави поддршка од Германија за реформскиот и евроатлантскиот интеграциски процес“ – информираше владата по состанокот во Трст.
„Сите овие состаноци овде оставаат сериозен впечаток дека има одлична европска перспектива регионот и РМ. Пораките се дека ќе го поддржиме овој процес за регионот да може да напредува“, изјави македонскиот премиер пред новинарите.
Во завршната декларација од Самитот се поздравува досегашниот индивидуален напредок на земјите од Балканот, притоа потенцирајќи ја потребата од засилување на реформскиот процес, транспортно поврзување и економска интеграција на регионот, подобрување на владеењето на правото и справувањето со корупцијата, решање на билатералните прашања, борба против тероризмот, екстремизмот, радикализацијата и организираниот криминал.
Facebook Forum