Охрид и оваа година според традициите и обичаите го одбележа празникот Богојавление Водици. По осветувањето на Охридското Езеро околу 500 лица скокнаа по светиот крст во студентите води, верувајки дека тоа ќе им донесе здравје и благосостојба. Фаќачот на крстот, 27-годишниот Иван Лотески на подарок доби сребрен крст.
„Ова ми е 14-ти пат како скокам по крстот. Од 13 години скокам. Но, од 5-6 години како мал сум во водите. Ова ми е прв пат како го фаќам крстот и затоа јас сум најсреќен овојпат. Чувството е прекрасно, бидејки за овој ден живееме цела година“, изјави Лотески.
„Од оваа година почнавме да подаруваме и сребрен филигрански крст кој го изработувавме околу 6 дена. Изработен е од чисто сребро и пет македонски рубини“, порача изработувачот на филиграни, Митко Укоески.
За безбедноста на капачите се погрижија медицински екипи и четири тимови спасители на вода.
Покрај охриѓани, на настанот присуствуваа и голем број на домашни и странски гости, со што Охрид го направија вистински центар на празникот.
Оваа неколкувековна традиција последните години во Охрид добива на масовност, а целиот настан прераснува во вистинска атракција. Се точеше греано вино и ракија. Охриѓани ги намалија и цените на хотелските услуги со цел да се привлечат повеќе гости од надвор.
„Овој ден ние многу го сакаме и се радуваме на него. Со големо задоволство го чекаме овој ден во нашиот град. За овој ден пиеме топла ракија“, вели жител на Охрид.
„Од Прилеп сме и специјално дојдовме за Водици во Охрид. Денес е светол ден. Бог се јави, вистина се јави. Охрид е втор Ерусалим и е навистина супер. Секоја година доаѓаме овде“, изјави жителка на Прилеп.
Денот после Водици е резервиран за Денот на рибарите, единствен настан од ваков вид во светот. На овој ден се случува традиционалното капење на рибарите со кое во минатото се означувал крајот на забраната за риболов на Охридската пастрмка, за време на зимскиот мрест, а се приготвува и еден тон чорба од риба.
Facebook Forum