Линкови за пристапност

Груевски: Ние победуваме!


„Нема повлекување, нема предавање, Македонија е силна!“ порача премиерот Никола Груевски на големиот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ

„Цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот - Македонија не се предава, Македонија е силна!“, рече премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во 45-минутниот говор на партискиот митинг „Македонија е силна“.

Тој му порача на политичкиот противник Зоран Заев дека нема да дозволи народот да се закрви и меѓусебно да се пресметува, а кажа и дека водачот на СДСМ наивно најавувал оти по објавените снимки власта за три дена ќе си замине со наведнати глави.

„Еве нè денес, три и пол месеци подоцна, тројно или четирипати побројно од нив вчера. Сплотени како никогаш досега, цврсти како челик, одлучни и решителни до бескрај. Им порачуваме, нема повлекување! Нема подлегнување, нема предавање. Македонија е решителна. Македонија пак победува. Ние победуваме!“, рече Груевски пред десетиците илјади граѓани, членови на неговата партија и на помалите партии од коалицијата „За подобра Македонија“, коишто со стотици автобуси организирано дојдоа од цела Македонија.

На митингот за поддршка на власта, што под големо обезбедување се одржа пред портата „Македонија“ и на улицата пред македонското Собрание, по чија должина беше поставена двометарска ограда, говореа и професорката Виолета Ачковска од иницијативата ГДОМ, лидерот на вонпарламентарната партија ГРОМ Стевчо Јакимовски и синдикалецот Дојчин Цветановски.

Јакимовски, којшто е и градоначалник на Општината Карпош и поранешен социјалдемократ, истакна дека лидерот на СДСМ Заев „поседува дел од интимата на повеќе од 25 илјади граѓани“ за да ја искомпромитира власта, а според Ачковска, „опозицијата и нејзините надворешни ментори ни приредуваат еден од чиновите на „украинската драма“. Се поставуваат шаторите, а потоа, веројатно следи и некој македонски Кличко, името воопшто не му е важно, кој ќе биде само пионот што ќе треба да одигра некаква клучна улога во оваа добро испланирана и долго подготвувана балканска премиера. Нашата сила, нашата енергија која зрачи овде и сега е најголемата пречка за реализација на тоа погубно сценарио“ .

Во тој контекст, и Груевски изјави дека во Македонија е на дело диктатура на политичко малцинство коешто има поддршка од странски служби. „Доста беше, ние треба самите да си го решиме проблемот, оваа поддршка е за решавање на проблемот внатре во рамки на институциите на Македонија. Ние сме независна држава“, рече Груевски. „Тие луѓе ли ја бараат мојата оставка, тие всушност, бараат да им ја оставиме Македонија, за да направат хаос. Но, овој народ вечерва, оваа масовност и оваа сила е најдобриот одговор за нив“, рече премиерот.

По повод митингот на ВМРО-ДПМНЕ, центарот на македонската престолнина целиот ден беше блокиран за сообраќај, а за поставување на големата бина и озвучувањето, изнајмено од странство за овој повод, беа сечени и семафори.

Истовремено со митингот на ВМРО-ДПМНЕ, пред Владата продолжи протестот на граѓанските активисти од иницијативата „Граѓани за Македонија“. Тие втора ноќ ќе поминат под поставените шатори, барајќи оставка на Владата. На крстосницата меѓу локациите на двата настана и околу објектот на Владата беа поставени единици на полициските специјалци, хермелини и борни коли.

XS
SM
MD
LG