Линкови за пристапност

Тагуваме за секој изгубен живот, велат лекарите и сестрите од Охридската општа болница


Голем дел од пациентите во модуларната болница во Охрид на кислородна поддршка
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Звукот на сирената на амбулантното возило, беше аларм за медицинскиот персонал од Oхридската брза помош, кој замина кај пациент болен од ковид-19. Токму Брзата помош е на првата борбена линија во битката со пандемијата.

„Како што се зголемуваат бројките на позитивни случаи, така и нашата работа се зголемува. Некогаш имаме дваесет, некогаш триесет пациенти, бидејќи ние работиме и во амбуланта, како дежурна служба, и итна медицинска помош. Работиме и како домашна посета“, вели Љупка Николовска, лекар-началник на Брза помош - Охрид.

Најкритично е во модуларната болница во Охрид, каде е сместено инфективното одделение. Капацитетите се полни со тешко болни пациенти, од кои голем дел се на кислородна подршка. Персоналот е на раб на издржливост.

„Персоналот кој работи една година и повеќе е изморен, и е изнемоштен психички и физички. Верувајте 365 дена, нарушен сон, нарушен социјален и фамилијарен живот. Секој ден кога очекувавме дека бројката ќе се намали и дека ќе имаме помал број, за жал, бројката е се` поголема и поголема и не запира“, вели Анета Волканоска, медицинска сестра.

Во 39 години работен стаж како медицинска сестра, ова е најтешката година и за Мирјана Спасова. Вели дека никогаш нема да заборави низ што се` поминале за време на пандемијата.

„Не ни помислувавме на ваква пандемија. Овој бран мислам дека е најтешкиот бран. Се изгубиле многу животи. Најтешки моменти е кога треба да се соопшти веста за изгубениот живот на семејството. Се соживуваме со семејствата. Тагуваме за секој изгубен живот. Многу моменти сме имале такви во текот на 2020 година. Еве и во 2021 година се губат животи, за жал и млади“, вели Спасова.

Волканоска додава дека „некогаш едноставно тука сме немоќни и покрај максимумот кој го вложува медицинскиот персонал, докорите и сестрите“.

Признаваат дека честопати им доаѓало да ја напуштат работата.

„Не само на мене туку и на сите други многупати. Меѓутоа желбата да им се помогне на болните, на оние кои им е потреба, е посилна од сопствениот мир“, вели Волканоска.

Спасова вели дека на сите здравствени работници им дошло во некој момент да кажат дека е доста и оти им е смачено.

„Но професијата која сме ја избрале е хумана и не смееме тоа да го направиме“, рече таа.

Луѓето во бели мантили велат дека вирусот не заобиколува никого, и оти граѓаните мора да ги почитуваат мерките.

„Не разликува ниту возраст, ниту пол, ниту вера и политика. Подеднакво сите ги напаѓа. Мора да бидеме сите сплотени и да ги почитуваме максимално мерките“, рече Волканоска.

Николовска, пак, додава:

„Сме имале многу пациенти кои се во тешка општа состојба. Се бориме да им го спасиме животот. Правиме транспорти до општата болница во Охрид и до Скопје“, рече таа.

Она што овие луѓе ги држи силни и мотивирани да истраат во оваа борба, е секојдневната поддршка која што меѓусебно си ја даваат, и тогаш кога со силите се на самиот крај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG