Линкови за пристапност

Со ветото за Македонија, Бугарија си штети и себе си, рече првиот првиот македонски претставник во Советот на Европа Благој Зашов


Поранешниот македонски амбасадор во Романија, и првиот претставник на Македонија во Советот на Европа во Стразбур Благој Зашов, во интервју за Гласот на Америка, ги коментира случувањата меѓу Скопје - Софија, нагласувајќи дека Бугарија треба да се покаже како добар сосед во решавање на овој проблем.

Глас на Америка: Како да се дојде до решение во македонско-бугарскиот спор кој, очигледно, станува многу посложен?

Благој Зашов: Добрососедството е реципрочен однос меѓу две држави. Ако едната страна не се покажува како добар сосед, тогаш веќе се нарушува реципроцитетот кој постои во едни такви односи. Затоа велам дека во оценката, за овие односи кои ги имаме со Бугарија, ЕУ мора да води сметка, и Бугарија треба да се покаже како добар сосед за решавање на овој проблем.

Глас на Америка: До каде ќе оди овој спор? Како предлагате да се однесува Северна Македонија во натамошните разговори и преговори за изнаоѓање на некое решение?

Благој Зашов: Мене ми е жал што се отвори Пандорината кутија врз база на историјата. И во двете држави се создаде една атмосфера, која немаше да биде таква каква што е, ако од страна на Бугарија не се отвореше ова прашање, и не се закануваше со вето за ЕУ. Оттука, кога веќе е таква ситуацијата, мислам дека треба и двете земји да направат напорза да се најде некакво решение, а тука сигурно би помогнала и Германија, која е претседавач на Европскиот совет.

Глас на Америка: Може ли во една ваква ситуација да се дојде до решение, со оглед на цврстите ставови и барања на официјална Софија?

Благој Зашов: Не ми се верува дека наскоро ќе дојде до такво решение, меѓутоа Владата, која е задолжена да ја води надворешната политика кај нас, треба да продолжи со напорите за наоѓање решение. Но, дали тоа го прави најдобро во моментот, засега не знам. Историјата е наука, која треба да биде оставена на историчарите. Но, во конкретниот случај, Бугарија ја стави како точка на дневен ред во односите меѓу двете земји.

Глас на Америка: Што мислите за бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ?

Благој Зашов: Секако, тоа е стратешка грешка на Софија. И мислам дека тоа што таа го направи, ќе биде штета и за самата Бугарија. Ќе кажам и зошто. Затоа што се создаде една атмосфера меѓу двете држави и двата народа, која треба сега многу долго време да се поправи и од двете страни.

Глас на Америка: Сметате ли дека сите овие случувања на релација Скопје-Софија ќе влијаат и на односите меѓу обичниот македонски и бугарски народ?

Благој Зашов: За жал, токму така. Јас сум поборник на помирувањето меѓу народите, особено ако тие наследиле некоја историска ситуација, како што е и нашата за време на Втората светска војна. На помирувањето треба да му претходи извинување, за некакви дела што се направени за време на војната. Ако има извинување, ќе има и помирување.

Глас на Америка: Кој треба да се извини?

Благој Зашов: Се знае кој треба да се извини. Јас сега да не ги редам сите дела кои се направени овде на македонска територија.

Глас на Америка: Што треба Северна Македонија да направи во однос на заштита на македонското малцинство во Бугарија? Бугарската страна тврди дека не постои такво малцинство во Бугарија, но, од друга страна, Судот за човекови права во Стразбур на неколку пати носеше одлуки во корист на македонското малцинство.

Благој Зашов: Нашата држава не треба ништо да направи во конкретниот случај, што се однесува до македонското национално малцинство во оваа земја. Самото малцинство веќе повеќепати се има обратено до Судот во Стразбур, и има добиено позитивни пресуди. Тие пресуди се споменати и во резолуција на Европскиот парламент. Така да, самото тоа ќе се избори за своите права, бидејќи се работи за човекови права. Мене ме изненадува една Бугарија, која бара свои малцинства во околните земји, а во исто време не признава дека кај неа има национални малцинства.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG