Еуфоријата по освоената титула европски шампион полека спласнува и повторно се враќа стравот дали Вардар ќе постои следната сезона и со каков тим. Неколкумина клучни играчи веќе потпишаа договори со други клубови а последните сигнали кои доаѓаат од соблекувалната тешко може да се протолкуваат.
Сопственикот на клубот, енигматичниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко во април официјално преку соопштение најави повлекување од клубот но потоа неофицијално и без соопштение се премисли и најави дека останува. Беше со играчите во Келн, беше и на теренот за да му врачат медал.
Иако веќе 13 години е во Македонија, без малку ништо не се знае за минатото на бизнисменот а сега и почесен конзул на Руската Федерација, Сергеј Самсоненко. Тој речиси и да не се појавува во јавноста а на прсти можат да се избројат изјавите и интервјуата кои ги има дадено досега.
Во 2006 година доаѓа во Скопје од Ростов на Дон и како што вели веднаш ќе се заљуби во Скопје и нашата држава. Почнува со ланецот обложувалници „Бет сити“ а набрзо потоа отвара неколку фирми со различни дејности. Потеклото на парите е непознато, а тој тврди дека имал успешни бизниси во матичната држава.
Истражувањата на новинарите ќе покажат дека зад речиси сите бизниси во Македонија се кријат офшор фирми од Кипар и Белизе кои се доминантни сопственици.
Од година во година империјата на Самсоненко расте. Тој ќе стане сопственик на фудбалскиот клуб Вардар и на машкиот и женски ракометен клуб Вардар. Успесите доаѓаат сами по себе бидејќи Самсоненко вложува суми за почит на овие простори во клубовите. Растат и симпатиите на граѓаните.
Влегува и во градежниот бизнис. Преку јавно приватно партнерство ќе ја изгради салата Јане Сандански но и хотелот Русија, а неговите фирми ќе станат сопственици на неколку атрактивни парцели во центарот на Скопје и на Плоштадот.
Самсоненко се почесто е во друштво на бизнисменот Орце Камчев но и на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, а очигледна е и блискоста со поранешната владејачка гарнитура. Камчев ќе застане до него на паркетот во Келн во 2017 и 2019 година и ќе добие медал за титулата на машкиот ракометен клуб Вардар иако официјално тој не фигурира во него.
Со промената на власта почнува и условниот пад на империјата на Самсоненко. Се погласни се шпекулациите за лукративни и корупциски скандали поврзани со неговото име но ниту една надлежна институција нема отворено официјална истрага против него.
Инвестициите во спортските клубови се намалуваат за на крајот и да запрат. Женскиот ракометен клуб Вардар згаснува, фудбалскиот клуб има сериозни финансиски проблеми исто како и европските шампиони. Фановите ќе се обидат да го спасат преку донации кои реално не може да дадат сериозна финансиска потпора а во моментов се бараат спонзори кои би го спасиле клубот од пропаст а со тоа и згаснување на желбите на стотиците илјади фанови во Македонија но и во регионот дека успешната приказна, или „бајката Вардар“ како што често се нарекува ќе продолжи.
Facebook Forum