Линкови за пристапност

Протест на новинарите на „Утрински весник“


Протест на новинарите на „Утрински весник“
Протест на новинарите на „Утрински весник“

Одбија да работат на утрешното издание поради најавите за отпуштање од работа. Менаџментот реагира - акт на самоволие на поединци во редакцијата.

Само еден ден по прославата на 12-от роденден на весникот, новинарите на „Утрински весник“ денес протестираа и одбија да го подготват утрешното издание, викенд-двобројот, обраќајќи и` се на јавноста и барајќи договор со менаџментот и прекинување на неизвесноста.

Новинарите наведуваат дека до прекинот на работа во еден од трите дневни весника на „Медиа принт Македонија“, македонската фирма на германскиот издавач ВАЦ, дошло откако од менаџментот им соопштиле дека до септември, најмалку десетмина од 40-тината новинари ќе бидат отпуштени од работа.

Новинарката на „Утрински весник“ Билјана Јовановска, говорејќи во име на најголемиот дел од колегите, денес изјави дека новинарите не се согласуваат со ставот на менаџментот дека со отпуштање ќе се постигнат мерките за штедење, затоа што поради ниските плати од 200 до 400 евра, ни намалувањето на бројот на новинарите за четвртина нема битно да се одрази врз финансиската состојба. Според неа, новинарите не ја прифаќаат комплетната одговорност за тешката финансиска ситуација и таа го пренесе нивниот страв дека отпуштањето е само прв чекор кон исполнувањето на идејата на менаџментот за гаснење на весникот.

„Затоа, ова е своевидно предупредување до јавноста дека се реализира идејата за исчезнување на `Утрински весник` од медиумската сцена. Деновиве добиваме многу индивидуални пораки на поддршка од пријатели и читатели на `Утрински весник`, кои со загриженост ги следат информациите за неговата неизвесна судбина, бидејќи многумина од нив сметаат дека непостоењето на `Утрински весник` би претставувал голем удар за демократските процеси во државата и одење во информативен мрак“, нагласи Јовановска.

Најави за гаснење на весникот што пред 12 години го формираа неколкумина новинари на тогашната „Нова Македонија“ имаше и порано, пред се` поради малиот тираж и недоволниот рекламен простор продаден на евентуалните огласувачи, што доведе до лоши финансиски резултати.

Но, во медиумите перманентно се шпекулираше и дека една од причините за евентуалното гаснење е уредувачката политика на весникот кој од првиот ден важи за близок на СДСМ, и кој и по преземањето од ВАЦ, ја задржа критичката настроеност кон власта на ВМРО-ДПМНЕ.

„Неизвесноста мора да прекине, зад овој весник стојат живи луѓе кои не заслужуваат секој ден да слушаат дека е прашање на ден кога ќе останат без работа“, изјави денес Јовановска, која во име на колегите го повика менаџментот на МПМ во понеделник да одржат состанок со новинарите кои се незадоволни од најавените откази.

И покрај тоа што 36 од 40-те новинари на весникот денес одбиле да ги извршуваат своите работни задачи во знак на протест и најавија дека „Утрински весник“ утре нема да се појави на киосците, новонаименуваната главна уредничка Соња Крамарска, која не го поддржала прекинот на работата, испрати соопштение дека „весникот ќе излезе од печат и покрај обидите тоа да биде спречено од некои од вработените“.

Според непотврдените информации објавени во електронските медиуми, четворицата новинари кои се солидаризирале со главната уредничка и менаџментот сами го подготвиле утрешниот број. Одделни медиуми објавија и непотврдени информации дека до новинарите на „Утрински“ била упатена закана од менаџментот оти ако не излезе утрешното издание на барем шест страници, весникот веднаш ќе биде згаснат.

Официјалниот став на менаџментот на „Медиа принт Македонија“ беше изтразен во соопштението со кое неизлегувањето на весникот го нарече „акт на самоволие на поединци во редакцијата“, тврдејќи дека преземните мерки на рационализација на ниво на целата групација по налог на сопствениците веќе даваат позитивни финансиски ефекти.

Од друга страна, протестот го подржа Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари, која излезес став дека може да се најде компромисно решение и дека ваквата ситуација претставува влез во многу лош период во новинарството.

„Влегуваме во период на затворање на весници, на кратење на работни места. Ние мораме да се обединиме и мораме да најдеме начин да ги регулираме работните односи на секој од нашите членови“, рече Чаусидис.

„Медиа Принт Македонија“, која е сопственик на „Утрински“, „Вест“ и „Дневник“, веќе неколку месеци живее и работи во сенка на скандалот со пронаоѓањето на 750 илјади евра во шише на возачот на првиот човек на МПМ, на унгарската граница. Иако и директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски уште во април тврдеше дека до крајот на тој месец ке ги обелодени имињата на лицата кои учествувале во шверцот на парите, до денес аферата нема разврска.

„Се води постапка за две физички лица. Едната е според Законот за спречување на корупција, другата е според членот 94 А од Законот за персонален данок на доход, за неоданочен стекнат имот. Добар дел од постапката е веќе извршен. Извршени се разговори, контроли со физичките лица, контроли по пат на размена на податоци со странски даночни администрации и верувам дека во текот на овој месец можеме да излеземе со официјален став пред македонската јавност, кој е наодот на УЈП“, изјави Трајковски на 7-ми април.

Првиот човек на МПМ Срѓан Керим, како и менаџменот на фирмата, за сето време тврдат дека шверц на девизи немало и го негираат постоењето на аферата. Но, по обелоденувањето на аферата, беше поставен нов главен уредник на „Дневник“ со што некогаш најпродаваниот весник во државата драстично ја смени уредувачката политика, а за кус период се сменија и две главни уреднички на „Утрински весник“.

XS
SM
MD
LG