Македонија, по 8-ма пат, доби препорака за старт на преговори за членство во ЕУ. Но, и овогодишната, како и претходната е условена. Овојпат, со три критериуми: одржување на кредибилни избори на 11-ти декември, напредок во спроведувањето на Договорт од Пржино и како што стои во документот, суштински напредок во имплементирањето на итните реформски приоритети што ги изготвија Рајнхард Прибе и неговиот тим експерти. Тоа го потенцираше и самиот еврокомесар за проширување на презентацијата на т.н. „пакет за проширување“ денеска овде во Брисел.
„Станува збор за препорака која е условена со избори кои пак ќе бидат признаени од меѓународната заедница. Препораката е условена и со спроведување на пржинскиот договор и со имплементација на препораките кои пред година и пол беа наведени во документот што го изготви Рајнхард Прибе“, истакна еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Европската комисија нотира дека претходната година била година на продолжување на политичката криза во Македонија. „Останува загриженоста за тоа како зафаќањето на државата се одразува врз функционирањето на институциите и на клучните делови од општетсвото. Напорите на Специјалното јавно обвинителство за утврдување законска одговорност мора да бидат поддржани и парламентот мора да воспостави политичка одговорност за прислушувањето и содржината на разговорите“ – стои во делот за Македонија во документот што го објави Комисијата. Се забележува и дека земјата трпи од политичка култура на поделби и отсуство на капацитет за компромис. Во делот на меѓуетничките односи се нотира дека остануваат кршливи. За судството се вели дека има назадување од 2014-та и дека претходните постгнувања во оваа област се поткопани од актуелното мешање на политиката во судските работи. За прашањето за името, како и во претходните извештаи, се вели дека треба да биде затворено што е можно побрзо.