Линкови за пристапност

Поддршка од САД за бегалската криза


Објавени официјалните податоци според кои, над 250.000 бегалци и мигранти транзитирале низ Македонија, од почетокот на кризата на 19-ти јуни, наваму

„САД соработуваа со Македонија и кога државата се соочувала со други кризи во минатото, вклучувајќи ја и актуелната бегалска криза“, изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џеф Бејли. Според него, ќе се надмине и оваа мрачна состојба, „ќе продолжиме да се бориме енергично против тероризмот и во исто време, нема да заборавиме да покажеме сочувство, разбирање и помош за луѓето кои се обидуваат да избегаат“. Според американскиот амбасадор нападот врз Париз е напад врз безбедноста и во светски рамки за што е неопходна соработка и кординација меѓу земјите.

„Македонија има целосно право да постави ограда на границата со Грција како механизам да се справи со бегалците доколку тоа го применат и останатите земји од Европа и регионот“, е ставот на Центарот за управување со кризи – ЦУК.

Медиумите денес ја пренесоа и изјавата на директорката на Главниот штаб на ЦУК, Сузана Салиу, според која, Македонија ќе нема друг избор да ја постави оградата, иако тоа е нехумано, зашто, безбедноста на ниту една од земјите од регионот и Европа, вклучително и Македонија, не е гарантирана по случувањата во Париз.

Денес беа објавени официјалните податоци според кои, над 250.000 бегалци и мигранти транзитирале низ Македонија, од почетокот на кризата на 19-ти јуни. Досега, за пет месеци, се издадени потврди на вкупно 253.369 странски државјани, од кои, 149.859 мажи, 38.340 жени, 51.994 деца, како и 13.175 деца кои патувале без родител. Најбројни биле државјаните на Сирија - 156.530 лица, Авганистан - 55.585, Ирак - 20.564, Иран - 5.894, Пакистан - 5.303, Палестина - 2.122, Сомалија - 1.270.

Инаку последните два дена, за прв пат од започнувањето на бегалската криза, на граничната линија меѓу Грција и Македонија (Идомени-Гевгелија) имаше и периоди без бегалци. Според медиумите, камповите од двете страни на границата ги посетиле омбудсманите од Грција и Македонија, придружувани од делегација на УНХЦР.

Има и поинакви примери, особено на социјалните мрежи каде многу често се шири и говорот на омраза. Иако таквите најави беа демантирани и од УНЦХР и од македонскиот ЦУК, на Фејсбук профили, дури и на познати јавни личности, се шири ксенофобија, а во еден случај и се повикуваат граѓаните на Македонија, со жив ѕид и со демонстрации, да се спротистават на, наводната наредба на ЕУ и САД, „во Македонија да се вгнездат 30.000 терористи, преправајќи се дека се бегалци“.

Реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права кој во четвртиот неделен извештај за состојбата на граничните премини во Гевгелија и Куманово (Табановце) за периодот од 9-ти до 15-ти ноември, 2015-та, истакнува дека хигиената во бегалскиот камп во Гевгелија не е одржувана на соодветно ниво, и се апелира до ЦУК да ангажира поголем број на хигиеничари на теренот. ХКМ забележал и неправилности на кондуктерите на Македонски железници, при наплаќањето на билетите, зголемено присуство на униформирани и неуниформирани полициски службеници во кампот на северната граница по терористичките напади во Париз, но и технички проблеми, како недостаток на инвалидски колички за пренесување на лица со инвалидитет и недостиг на храна во одредени периоди од денот, особено во вечерните часови.

ХКМ ја истакнува улогата на активистите и волонтерите „кои се присутни на терен остануваат посветени на нивната работа и вложуваат максимални напори да обезбедат што подобра помош за бегалците“.

Во македонскиот камп се активни стотина хуманитарни работници, од македонските организации на Црвениот крст и Црвената полумесечина, од НВО „Легис“и од меѓународните организации УНХЦР и ИОМ. Тие обезбедуваат помош во храна, облека и лекови и за прифатниот центар во Гевгелија и за транзитниот центар во Табановце на македонско-српската граница, но волонтерите од невладиниот сектор ја повикуваат и државата Македонија да им помогне. Невладините организации во Гевгелија и Табановце, се подготвуваат да делат и топли оброци за бегалците и ги повикуваат хуманите граѓани во Македонија да донираат топла зимска облека.

XS
SM
MD
LG