Поддршка за Преспанскиот договор, барање за негово целосно имплментирање во Собрание и продолжување на реформскиот процес - пораки кои американската администрација денеска ги испорача во Скопје преку вториот човек на Стејт департментот Џон Саливен.
Освен ова, во пресрет на финалната фаза од уставните измени, Саливен ги повика пратениците да се издигнат над партиските интереси и да гласаат за иднината на Македонија.
„САД силно го поддржуваат целосното имплементирање на Договорот од Преспа што ќе и` овозможи на Македонија, како Република Северна Македонија, да го заземе заслуженото мество во НАТО и во ЕУ, придонесувајќи за регионалната безбедност, стабилност и просперитет. САД се посветени на стабилноста на југоисточна Европа, а Македонија е клучен дел од таа стабилност, и ја гледаме како лидер во регионот во посветеноста на мирот, стабилноста и соработката. Со продолжувањето на процесот во Парламентот, повикуваме повеќе пратеници да ги тргнат настрана партиските интереси и да останат посветени на стратешките цели“, изјави Саливен.
Посетата на заменик-државниот секретар, прва на толку висок американски дипломат по долгогодишна пауза, за премиерот е доказ за поддршката на САД како главен партнер на Македонија во НАТО интеграцијата.
„Во денешниот разговор потенцирав дека во Македонија создадовме услови за политички амбиент за реализација на Договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека процесите нема да ги препуштиме на каква било случајност. Успешната завршница на овој процес во Собранието е наш билет за да влеземе во НАТО. Паралелно со овој процес ни останува со иста енергија да продолжиме со реформите во судството, безбедносните служби и администрацијата“, рече премиерот Зоран Заев.
Тоа и Саливен го побара - Македонија, паралелно со процесот за името, да продолжи со реформската агенда.
Едно од прашањата до Саливен беа и за ставот на Русија за зачленувањето на Македонија во НАТО.
„САД стојат заедно со Македонија, со нејзината храбра влада, со нејзините граѓани. Ќе им асистираме и на други кои ја поддржуваат оваа влада во справувањето и откривањето руско малигно влијание во Македонија, регионот или во Европа“, рече Саливен.
Facebook Forum