Линкови за пристапност

Американскиот печат за настаните во Парламентот


Вашингтон пост пишува дека на Балканот и во Источна Европа, Русија се позиционира себеси како алтернативен партнер на ЕУ

Со наслов „Русија ги обвинува САД откако демонстранти упадна во македонскиот парламент“, Вашингтон пост се осврнува на синоќешните, како што ги нарекува, крвави судири во Македонија во кои се повредени преку 100 лица. „Ова ги врати спомените од насилството од пред 16 години“, вели весникот.

Во најновиот напис, Вашингтон пост наведува дека Москва денеска издала соопштение во кое го обвинува Западот за „крупно мешање“ во македонската политика, со цел, манипулирање на „волјата на граѓаните за отстранување на легитимно избраната влада од власт“. Весникот додава дека „политичките експерти, сепак велат дека неодамнешните судири во Македонија, повеќе се резултат на домашната криза, отколку мешање однадвор, и дека Русија можно е да се обидува да ја преобликува дебатата во своја корист“.

Вашингтон пост пишува дека на Балканот и во Источна Европа, Русија се позиционира себеси како алтернативен партнер на ЕУ, во време кога, како што вели, десничарските и конзервативните групи на Унијата гледаат со зголемен сомнеж.

Во написот се додава дека во моментов нема знаци за брзо разрешување на политичката криза.

Синоќешните настани, како и кризата околу две години наназад, главно преку агенциски вести, ја пренесе и влијателниот Њујорк тајмс. „Повеќемесечната политичка криза во Македонија доживеа ерупција во четвртокот, кога толпа разлутени националисти, ги нападнаа законодавците во Парламентот, како и новинари кои работеле внатре во зградата“, пишува весникот.

Конзервативните законодавци гласањето за избор на новиот спикер на Парламентот Талат Џафери, го опишаа како државен удар, стои во написот на Њујорк тајмс.

Македонија е земја-кандидат за ЕУ, а претставници на блокот држави го критикуваа насилството, а изборот на Џафери го нарекоа „позитивен знак“, вели весникот.

Со сличен напис за ситуацијата во Македонија, денеска излезе и Лос Анџелес тајмс, хронолошки опишувајќи ги почетоците на кризата во земјата. И овој весник ги пренесе реакциите на Европската Унија, поточно онаа на комесарот за проширување Јоханес Хан, кој преку Твитер кажа дека „Насилството нема место во Парламентот. Демократијата мора да се одвива непречено“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG