Линкови за пристапност

Реакции по писмото на Трамп до Заев: Преспанскиот договор ќе биде урнек за решавање спорови, пред се` меѓу Србија и Косово


Американскиот претседател им честита на Заев и и Ципрас за храброто лидерството и посветеноста да го доведат овој процес до крај

Преспанскиот договор е најисториско достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор. Ова меѓудругото стои во писмото кое претседателот на САД Доналд Трамп го испрати до премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.

Трамп, исто така, им честита на Заев и на грчкиот премиер Алексис Ципрас за храброто лидерството и посветеноста да го доведат овој процес до крај, од преговорите преку ратификацијата, па сè до неговата целосна имплементација.

„ Во име на американскиот народ, ви честитам за ратификацијата и имплементацијата на Договорот од Преспа. Преку вашите напори со премиерот Ципрас, обезбедивте постабилна и попросперитетна иднина, не само за вашите две земји, туку и за целиот регион. Вашата земја сега ќе го заземе местото кое ѝ припаѓа во Северноатлантската алијанса како Република Северна Македонија. Се надевам дека Договорот од Преспа ќе послужи како инспирација за другите држави во регионот. Тој ја потенцира суштинската вистина дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочна корист наспроти краткорочни ризици, лидерите може да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на пат кон посветла иднина“, стои во писмото.

Американскиот претседател вели дека сака да ја види Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.

„Северна Македонија е голем партнер на Соединетите Американски Држави. Ние се радуваме што ќе можеме да ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во Северноатлантската алијанса и да продолжиме со нашата заедничка работа, со цел да обезбедиме мир и просперитет на Западен Балкан“, вели Трамп.

За политичкиот аналитичар Агим Јонуз, писмото од Трамп е одличен сигнал за подршката и интересот од страна на САД за Македонија.

„Во име на позитивната еволуција на демократијата во светот, секој официјален поздрав и пофалба на процеси каков што е грчко-македонскиот, заслужува апсолутен респект. Претседателот Трамп со својата поддршка само покажа дека развојот на процесот на регионалниот мир е од многу пошироко значење отколку во билатералната драма која траеше со години, а беше од клучно значење во делот на можноста да се развие во негативна насока“, изјави Јонуз за Гласот на Америка.

Јонуз додава дека присуството на САД во регионот покажа огромен бенефит за зачувување на мирот.

„И во некоја рака ова е заедничка победа на сите страни вклучувајки ги и САД. Американските интереси се комплементарни во делот на функционирањето на НАТО во регионот и на компактноста на државите кои меѓусебно со овој чекор ставаат точка на можностите да има нестабилност, која рефлексно би имала влијание и на економските текови“, вели тој.

Ова е признание дека на Балканот најпосле станува јасно дека отворените прашања останати од блиската, но, и подалечната историја нема да можат да се надминат без компромиси, вели Биљана Спасеска Ѓеорѓиевска, поранешен новинар во Македонската редакција на Би-Би-Си во Лондон.

„Ова е отворена сугестија до другите соседи, дека САД ќе го посочуваат Преспанскиот договор како урнек за решавање на преостанатите спорови, пред се меѓу Србија и Косово и меѓу ентитетите во БиХ. Срдечната честитка од Трамп до Заев и нагласувањето дека "Северна Македонија“ е голем партнер на САД се чини дека треба да се слушне се` до Москва, од каде што секојдневно стигнуваат оценки дека НАТО сака да го вшмука Балканот наспроти волјата на народот, историските лекции и дипломатската пристојност, како што се вели во синоќешната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров“, вели Спасеска Ѓеорѓиевска.

Премиерот Заев, на неговиот официјален Фејсбук профил, за писмото на Трамп напиша:

„Благодарност до претседателот Доналд Трамп за неговото писмо во кое испраќа честитки за имплементацијата на Договорот од Преспа, и за поддршката на членството на Северна Македонија во НАТО, како 30-та земја-членка. Остануваме посветени на градење искрени односи со нашиот долгогодишен пријател САД и на промовирање мир на Балканот“.

Инаку САД во изминатиот период активно беа вклучени во поддршката на македонските власти за Преспанскиот договор, кој за пошироката меѓународната заедница, но, и за голем дел од домашната политичка и експертската јавност, е суштински за напредокот и иднината на државата.

Преспанскиот договор на Северна Македонија ќе и` овозможи многу брзо да стане 30-та членка на НАТО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG