Линкови за пристапност

Поклонувањето во Слупчане повторно во фокусот


Реагираа министерот Бесими, американскиот заменик-помошник државен секретар Рикер и премиерот Груевски.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими изрази жалење ако навредил некого со положувањето на цвеќе во Слупчане во знак на почит кон загинатите припадници на ОНА за време на конфликтот 2001-вата; американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер ја поздрави неговата пораката за помирување, а премиерот Никола Груевски оцени дека жалењето на Бесими може да биде добар чекор кон смирување на ситуацијата.

„Мојата намера отсекогаш била и останува да ги претставам еднакво сите граѓани на Република Македонија и да направам се` што е во моја надлежност за да придонесам кон помирувањето помеѓу сите заедници. Помирувањето е особено важен чин во Република Македонија, и посебно помеѓу двете страни инволвирани во конфликтот во 2001 година. Верувам дека АРМ може најдобро да го води овој процес на лекување на раните од минатото и да придонесе кон градење на заедничка Македонија“, изјави денеска Бесими по средбата со Рикер.

Тој нагласи и дека неговата политичка мисија не отстапува од онаа на претседателот, премиерот или лидерот на ДУИ, односно дека и тој, како и тие, сака да ја промовира толеранцијата и меѓуетничкото помирување.

„Во Република Македонија се соочуваме со неколку предизвици, вклучувајќи ја и потребата за промоција на помирување и разбирање помеѓу различните етнички и религиозни заедници. Ова претставува стратешка цел во програмата на оваа Влада на Република Македонија. Настојуваме да работиме кон надминување на разликите и нивно претворање во наша вредност. Во тој дух беше и моето полагање на цвеќе во Слупчане минатата недела“, изјави министерот за одбрана.

Рикер кажа дека ги поздравува зборовите на помирување на Бесими, како и дека Македонија и САД споделуваат заеднички вредности од кои една е - постојаната потреба за помирување.

„Како што кажа секретарката Клинтон во Чикаго, во поглед на проширувањето на НАТО, додека работиме со Македонија и со другите земји во регионот, не смееме да дозволиме денешните случувања да ни го оттргнат вниманието од предизвиците и идните цели.. Во вашите напори за изградба на подобра заедничка иднина секогаш ќе ги имате Соединетите Американски Држави покрај вас, порача гостинот од Стејт департментот по средбата со Бесими.

Македонскиот премиер Никола Груевски, пак, реагираше со тврдење дека Бесими ниту побарал, ниту пак ќе добиел согласност од Владата за положувањето на цвеќе на споменикот во Слупчане.

„Уште полошо е тоа што отиде со униформирани лица и на тој начин ги повреди чувствата на Македонците. Слушнав дека тој денеска изразил жалење за тој настан. Тоа е добро што изразил жалење и што сфатил дека тоа не е визионерска работа, ниту храбро лидерство, туку дека ги влошува меѓуетничките односи и создава една конфликтност и тензија, односно фрустрација кај голем дел од населението и дека на таков начин не може да се постигне помирување како што тој замислувал“, кажа македонскиот премиер од настанот на пуштање на нов еко-систем во РЕК „Осломеј“.

Премиерот, сепак, смета дека денешната изјава на Бесими е во правилна насока.

„Денешното негово жалење навистина може да е еден добар чекор којшто може да води кон една смирувачка ситуација“, кажа Груевски.
XS
SM
MD
LG