Транспарентноста во судската власт и судскиот систем, е клучна за да се врати довербата на граѓаните, но и да се зацврсти владеењето на правото во Македонија, смета американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли. Тој денеска присуствуваше и се обрати на Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација на ЈИЕ-КОСАП, што се одржува во Скопје.
„Граѓаните треба да бараат отчетност, транспарентност и информирање од страна на институциите. Тоа значи дека граѓаните треба да одбијат да го свртат погледот на другата страна кога ќе се соочат со прекршување на законите или со корупција, а тоа значи дека не треба да се прифаќаат работите онакви какви што се особено доколку сте соочени со непотизам и лични појави“, рече амбасадорот Бејли.
Во својот говор тој потенцираше дека некои судски случаи се обвиткани со мистерија и затоа не е чудно што граѓаните немаат доверба во оваа институција.
Како пример тој го наведе Советот на обвинители, каде на седница се гласало за избор на обвинители а еден кандидат бил одбиен откако член на советот гласал против. Членот на советот морал да биде исклучен од гласањето бидејќи обвинителот кој се кандидирал водел истрага против нејзиниот сопруг.
„Станува збор за Јавното обвинителство и Советот на обвинители. Член на Советот учествуваше во донесување одлука која што се однесува на член на семејството на друг член на Советот. И тука ми се чини дека станува збор за судир на интереси. Никој не знаеше што точно се случи“, објасни амбасадорот Бејли.
Бејли се осврна и кон членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија (ЕУ) и побара од политичарите да ја почитуваат волјата на граѓаните. Тој повтори дека САД и Европа и помогнаа на Македонија да излезе од длабоката политичка криза и нагласи дека поддршката на 75 отсто од граѓаните за членство во НАТО и ЕУ мора да се преточи во политичка волја а со тоа ќе се завршат и неопходните реформи кои се услов за влез во некој од овие два сојуза.
Facebook Forum