Корупција, ограничување на слободата на медиумите, мешање во судската власт, попречување на работата на СЈО и селективна правда, беа едни од главните забелешки во ланскиот извештај на Стејт департментот за човековите права во Македонија.
Но, што треба да се направи ваквата ситуација да се промени годинава?
Експертите со различно мислење. Многумина веруваат во приоритетите на новата Влада - решение на спорот за името, и подобрување на добрососедските односи.
Дел се сомневаат во судските процеси и последиците од апсењата, поврзани со насилството во Параламентот во април минатата година.
Има и оптимисти - крај на политичката криза, и отворен пат кон Европската унија и НАТО.
Гласот на Америка разговараше со неколкумина експерти, и еве што тие и` посакуваат на Македонија во 2018-та година.
Ерол Померој – поранешен конгресмен
Граѓаните на Македонија постигнаа голем напредок во избор на демократска влада. Горд сум на успехот што беше постигнат во 2017-та година. Тоа ја постави основата за повисока цел - демократија и функционална Влада, како и прогрес кој ќе се мери преку интегративниот процес во Европската унија, економски развој и подобар живот за сите граѓани.
Јан Суротчак - директор за Европа при ИРИ
Би сакал 2018-та да помине без да се зборува за криза. Толку едноставно. Македонија има застој во економскиот развој, во отворање работни места и во пристапните процеси. Во 2018-та година е потребно сите колективно, државата и надворешните фактори, да обезбедат придвижување напред.
Џесика Лејн - IREX
Јавноста, граѓанското општество и новинарите, треба да продолжат да бараат одговорност од избраните политичари, како и да ја информираат јавноста за државните и локалните прашања, а кои се однесуваат на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Се` уште постои скептицизам за позитивни промени, но, секој поединечно треба да придонесе за подобрување на демократијата.
Дејвид Лабан – Асоцијација на обвинители во Вашингтон
Држете ги рацете чисти. Постапувајте согласно законите. Не ги шпиунирајте граѓаните, не извршувајте акти на тероризам, и не креирајте анархија. Работете во рамки на системот, и правете вистински работи за македонскиот народ.
Facebook Forum