Сега е вистинско време за обновен американски ангажман на Западен Балкан, вели Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет во Вашингтон, пред утрешниот нов извештај за состојбата на овој регион.
Вилсон, за Српската редакција на Гласот на Америка, вели дека постои стратегија како САД можат да помогнат да се исполни визијата Западен Балкан да стане дел од Европа и од НАТО Алијансата.
„Во нашето истражување порачуваме дека е време САД повторно да покажат јасна визија дека Западен Балкан ќе биде дел од трансатлантската заедница. Тоа е наша визија, стратегија и партнерство со Европската унија. Второ, постои одредена област во која САД имаат изразена улога, а тоа е безбедноста. Третиот елемент е политичката динамика, и последно, Западен Балкан мора да биде интегриран во ЕУ, кога се во прашање сообраќајот и енергетиката“, вели Вилсон.
Вилсон вели дека ако САД останат неодлучни, ќе се создадат услови за погрешна ситуација, како што се случи со Македонија во 2008-та година, кога државата не успеа да влезе во НАТО на Самитот во Букурешт.
„Да утврдиме специфичен начин на кој САД можат да помогнат, а тоа е силен дипломатски пат, со цел Приштина и Белград да можат да дојдат до заклучок, како и да се утврди пат за поврзување на Атина и Скопје“, смета Вилсон, нагласувајќи дека тоа може да се постигне со меѓусебна заложба на американската дипломатија и Европската унија.
Тој нагласува дека конференцијата во Вашингтон, која Атлантскиот совет ја организира в среда, ќе биде прилика лидерите од Западен Балкан да се сретнат со високи претставници на Стејт департментот.
„Тоа покажува дека постои политички апетит и интерес, и со поддршка од Американскиот конгрес и заедно со Европската унија, да обезбедиме трајно присуство и ангажман“, убеден е Вилсон.
Facebook Forum