Линкови за пристапност

Македонија втора во Европа по смртност на новороденчиња


Официјалните податоци на УНИЦЕФ, во рамките на кампањата „За секое дете, живот“, покажуваат дека во регионот Македонија има најголема стапка на смртност кај новороденчињата во првиот месец по раѓањето

Едно од 120 новороденчиња во Македонија ја губи битката за живот во првиот месец по раѓањето, покажува статистиката на УНИЦЕФ во извештајот кој денеска го објави во рамките на кампањата „За секое дете, живот“. Оваа црна статистика ја става Македонија на врвот во регионот по стапката на смртност кај новороденчињат, а втора во Европа, веднаш зад Молдавија.

Според извештајот, стапката во Македонија е 8.3 што е далеку повеќе од Турција со 6.5, Албанија со 6.2 и Босна и Херцеговина со 4.7.

Уште позагрижувачки е фактот што осма година по ред во нашата држава се зголемува стапката на смртност за разлика од Србија, Босна и Херцеговина и Словенија, каде оваа бројка е во константен пад.

Извештајот на УНИЦЕФ е изготвен според неколку параметри, а државите се рангираат во четири групи - како држави со ниски, средно-ниски, средно-високи и високи примања. Македонија е во групата на земји со средно-високи примања и е единствена со стапка на смртност над 8, а овие поразителни бројки и просеци се карактеристични за далеку посиромашните држави од Македонија.

„Македонија секогаш имала проблем со стапката на смртност на новороденчиња која е највисока во овој дел од Европа. Ова е долгорочен проблем, но она што загрижува е зголемената стапка на смртност од 2010 до 2018 година. Она што е неопходно е да се адресира недостиг на здравствени посети и прегледи на бремените жени како и нивниот пристап до одделенија за пренатална грижа, квалитетот на работа на здравствените институции како и однесувањата ризични за бременоста. Мора да се подобри и механизмот за мониторирање на смртноста и причините“, изјави Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија.

„На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче“, апелираат од УНИЦЕФ.

Од Министерството за здравство соопштија дека приоритет е токму намалување на смртноста кај новороденчињата.

„Владата набави 16 инкубатори за зајакнување на интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство. Министерот за здравство, д-р Венко Филипче дефинираше краткорочни и долгорочни мерки за намалување на смртноста на доенчињата и родилките, а ревидирани се и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња“, стои во официјалното соопштение.

Министерот неодамна најави и дека ќе се организираат обуки за ефикасна грижа на новороденчињата како и вработување на лекари кои се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во областа на педијатрија.

Тој предизвика жестоки реакции во јавноста кога образложувајќи ги причините за високата смртност на новороденчињата наведе дека се должи и на „неодговорност на родилките“.

На глобално ниво, еден милион деца умираат во текот на првиот ден од раѓањето, а 2,6 милиони се мртвородени. Според извештајот на УНИЦЕФ, клучен проблем за оваа црна статистика е сиромаштијата, па така, најлоши изгледи за преживување имаат бебињата родени во Пакистан, Централно Африканската Република и Авганистан, каде стапката на смртност е едно на секои 25 новороденчиња, додека најдобри услови за преживување и квалитет на живот имаат новороденчињата во Јапонија, Исланд и Сингапур.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG