Македонија нема излез на море, но е многу богата со планини и езера. Високи врвови, длабоки клисури и водопади ги красат трите национални паркови во земјата: Галичица, Маврово и Пелистер. Вака Национална географија ја опишува Македонија во своето најново издание, препорачувајќи ја државата како дестинација за туристите од цел свет.
Но, како Македонија се најде на листата на 28 дестинации вредни да се посетат во 2019 година.
Всушност Македонија беше на нашиот радар во последните неколку годиниЕјми Алипио, уредничка на Национална географија
Разговаравме со уредничката на магазинот Национална географија Ејми Алипио која ни кажа ваква листа се подготвува веќе осум години.
„Всушност Македонија беше на нашиот радар во последните неколку години. Секогаш бараме места кои можат да се опишат во суперлатив. Оваа година Македонија ни го привлече вниманието и со дебатата за промена на името. Македонија ја сместивме во категоријата на авантуристички дестинации, иако земјата има многу археолошки, историски и културни богатства, сакавме да ја нагласима нејзината авантуристичка страна,“ вели Алипио за Гласот на Америка на македонски.
Македонија нуди многу авантуристички искуства на планините, езерата, долините, се вели во написот. На туриститите им се предлага нуркање, јавање на коњи, кајакарење по Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, како и лет со параглајдер над Пелагонија од македонскиот параглајдерски центар Крушево.
Од Национала географија велат дека за туристите се атрактивни места кои не се многу познати. По големиот интерес за патувања во Источна Европа, Унгарија, Чешка, Словенија и Хрватска, очекуваат се повеќе интерес да привлекуваат Македонија, Црна Гора и Албанија.
На прашањето што Македонија треба да направи за да се подигне повисоко на радарот на туристите, Алипио вели дека треба да се работи на подобрување на сместувачките капацитети.
„Особено на развојот на мрежи од типот на Ер-Би-Ен-Би. Многу е важно да има избор на места каде туристите ќе престојуваат,“ вели Алипио.
Македонија на листата на Национална географија за најдобрите патувања во 2019-та година е во друштво на Мексико, Сенегал, Бразил, Нов Зеланд, Колумбија, Швајцарија, Германија и други дестинации.
Facebook Forum