Линкови за пристапност

Македонија се` уште е држава со автократски тенденции, и покрај напредокот


Спаѓа во групата за набљудување во наредните неколку години, заедно со Босна и Херцеговина, Турција, Грузија, Украина и Ерменија, се вели во извештајот на „Транспаренси интернешанал“

Македонија е на 93 место од вкупно 180 по Индексот на корупција во годишниот извештај кој денеска го објави „Транспаренси интернешнал“.

Се наоѓа во друштво на Косово, Монголија и Панама, а единствено Албанија има полош рејтинг од државите на Балканот.

Македонија се` уште се смета за држава со хибриден режим, односно држава во кои има елементи на автократски тенденции, и покрај нотираниот напредок од 14 места споредено со минатата година.

„Република Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата на `Транспаренси интернешнл` за 2018 година се наоѓа на многу ниско односно 93 место од 180 рангирани држави. Сега имаме 37 од можни 100 поени и се наоѓаме многу под 50 поени и подолу од половината рангирани држави. Порастот од само 2 поени не донесе подобрување во рангирањето за 14 позиции, но, тоа воопшто не треба да се смета за добар резултат или за подобрување. Тоа се` уште е за минус 27 места во споредба со 2014 година“, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнл“.

Според Тасева, подобрувањето се должи на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на учеството на граѓанскиот скетор во креирањето на политиките и легислативите. Сепак, регистирано е и назадување во работата на судството кое претставува пречка за економски развој.

„ Напредокот оваа година има две основни компоненти -работата на СЈО и партиципативноста во процесите за градење на политики и донесување на нови закони, што ја подобри сликата за демократизација во државата, како предуслов за подобрување во борбата против корупцијата. Во годините што претстојат неопходни се натамошни суштински реформи во сферата на борбата против корупцијата, пред се избор на соодветен кадар кој ќе има интегритет и знаење да се справи со проблемот, кој освен што ги загрозува основните човекови права ги загрозува и економијата, демократијата и владеењето на правото, а со тоа и мирот, безбедноста и опстанокот на државата“, додаде Тасева.

Во извештајот за 2018 година е наведено дека Македонија спаѓа во групата за набљудување во наредните неколку години, заедно со Босна и Херцеговина, Турција, Грузија, Украина и Ерменија, која е единствена држава што има позитивен тренд кој се должи на промена на владата.

„Транспаренси интереншенел“ како препораки наведе дека треба да се применува владеењето на правото, да се подобри заштитата на информаторите, за да можат сите граѓани безбедно да пријават повреди во јавната и приватната сфера, да се подобри законодавната транспарентност и пристап до информации потребни за ефективен јавен надзор, граѓанското општество да се вклучи во дијалог со власта без страв од одмазда, како и да се работи на заштита на слободата на медиумите кои имаат клучна улога во демократијата.

Македонија веќе година и половина нема фукнционална Антикорупциска комисија, што ги става под прашалник пораките на Владата дека се за бескрупулозна борба против корупцијата во државата.

САД, пак, се наоѓаат на 22 место

Од државите во регионот најдобро рангирана е Словенија, која е на 36 место, а потоа следуваат Хрватска (60), Црна Гора и Грција (67), Бугарија (77), Турција (78), Србија (87) и Босна и Херцеговина, која е на 89 место.

Индексот на корупција го мери нивото на корупција во јавната администрација и се пресметува врз база на 13 истражувања во бизнис секторот, како и стручни проценки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG