Владата почна со постапката за справување со проблемот околу дивата депонија, која гори и предизвикува загадување на воздухот во Тетово, како и за дислокација на отпадот во депониите Дрисла или Русино.
Компанијата „Голец Транс“ била избрана за дислоцирање на сметот.
„Дивата депонија ќе се затрупува и ќе биде спроведено нејзино култивирање, соодветно на неопходните еколошки стандарди“, соопшти Владата.
Согласно одлука на Влада, понудено е предлог-решение и за депонијата во Струга, од каде отпадот ќе се транспортира во депонија која ќе ја договори општинското комунално претпријатие, а сегашната дива депонија ќе започне да се затрупува
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, при работната посетa на Струга минатиот месец, истакна дека Европската унија е подготвена трајно да ги реши проблемите со струшката дива депонија, и оти се обезбедени средства и елаборати за изградба на регионална депонија.
Но, и покрај ставот на локалните власти дека депонијата е најгорлив проблем за Струга, на локален план, сè уште се вели дека нема трајно решение, без изградба на регионална депонија.
Деновиве, жители на Тетово, во организација на невладината организација „Еко герила“, протестираат во депонијата, која во саботата одново ја зафати пожар.
Со транспаренти „Не сме човечиња“ и „Тетовска културна депонија“, демонстрантите побараа применување на членот 218 од Кривичниот законик, кој се однесува на загадување на животната средина, а според кој, се бара казнување на одговорните, кои им ги загрозиле животот и здравјето.
Дел од активистите за чиста животна средина обвинуваат дури и дека постојат основи за сомнежи дека депонијата е намерно запалена во предизборни цели, и дека животот и здравјето на Тетовчани се загрозуваат поради предизборни и внатрепартиски борби за позиции, или поради меѓупартиски судири
Тие ја обвинуваат локалната власт за долгогодишна негрижа и незаинтересираност.
„Надежта умира последна, само ако ние не` умреме или не` се разболиме претходно од големото загадување. Сепак, се надевам дека властите ќе имаат слух и оти ќе се реши овој проблем со депонијата“, изјави за медиумите еден од учесниците на протестот Небојша Стојановски.
Демонстрантите во неделата и во понеделникот, протестираа на Плоштадот и пред Општина Тетово, фрлајќи кесиња со отпад и јајца, барајќи градоначалничката Теута Арифи итно да преземе мерки за гаснење на пожарот, и за чистење на дивата депонија.
„И јас живеам тука, заедно со моето семејство, нормално дека ми пречи загадувањето“, рече градоначалничката Арифи, нагласувајќи дека е потребна помош од Владата.
„Се работи за долгорочен проблем кој постои повеќе од 15 години, и затоа е јасно дека и решенијата треба да бидат долгорочни. Во рамки на ребалансот на буџетот, прифатено е Владата да интервенира во ова финално чистење. Ние не баравме помош, и со наши можности ги правевме решенијата, но, сега ни е потребна помош“, рече Арифи.
Таа потенцира дека „во Општината најдов куп долгови, но ниту едно решение за депонијата. Ние моравме да најдеме среднорочни и долгорочни решенија. Јас не го водам градот политички, туку сум ориентирана кон решавање на проблемите на граѓаните“, рече Арифи.
Професорката на Универзитетот на Југоисточна Европа Беса Арифи, пак, сестра на градоначалничката на Тетово, напиша:
„И токму јас, заедно со моите пријатели редовно сме протестирале против загадувањето на воздухот во Тетово, додека многумина ме критикувале, кажувајќи дека јас немам право на таков протест заради фактот што член на моето семејство го води градот. Меѓутоа, воздухот што го дишеме е и мој, и нејзин, и на тие што протестираат, и на сите нас кои живееме тука, сите го дишеме истиот воздух. Меѓутоа, важно и особено трауматично е што ние, граѓаните од Тетово, се труеме со денови во чадот на сопствениот смет, поради суетите на оваа или онаа страна, заради политички лицемерија и подметнувања“.
Во Македонија има 54 комунални депонии, кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот, а експертите проценуваат дека од 16 од нив се со висок, 16 со среден, а останатите со низок ризик за животната средина
Единствено, скопската депонија „Дрисла“ има интегрирана дозвола за управување со отпад, а покрај постоечките комунални депонии, кои најчесто не ги исполнуваат минималните технички услови за да аплицираат за добивање дозвола, во Македонија има уште околу 1.000 диви депонии.
Според неофицијалните проценки, во нив годишно се фрлаат 250.000 тони отпад, а најтешка е состојбата во Струга и Тетово.
Се предвидува дека на Македонија и се неопходни триесеттина нови депонии, изградени според сите стандарди, и со интегрирана дозвола за управување со отпад, што би чинело десетици милиони евра.
Facebook Forum