„Постои зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија, во Северна Македонија. Терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичката идеологија имаат намера за напад врз цивили, вклучувајќи ги и државјаните на САД во странство. Терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи за таргетирање на групи луѓе на јавни места, вклучително и со користење на пиштоли, возила и остри предмети“, пишува во соопштението на Амбасадата на САД во Скопје.
Тоа е издадено во петокот вечерта, на 15 февруари, само еден час по информацијата до медиумите од македонското Министерство за внатрешни работи, дека полицијата спречила терористички напад од „поддржувачи на ИСИС кои истиот го планирале во Република Северна Македонија“.
Во дописот на МВР се вели дека по претходно разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, полицијата спровела оперативно-тактички мерки со цел - идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот.
„Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, МВР изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби, на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад. МВР продолжува да спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на безбедноста на граѓаните“, стои во соопштението.
Како реакција, американската амбасада во Скопје испрати безбедносно предупредување до своите државјани кои престојуваат во Македонија да бидат внимателни: „Терористичките напади и други безбедносни инциденти често се случуваат без никакво предупредување, а граѓаните на САД треба одржуваат високо ниво на претпазливост. Екстремистите повеќе се стремат кон изнаоѓање и напади врз „меки цели“, како што се: трговски центри и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, верски објекти, училишта, паркови и јавни настани од висок профил (спортски натпревари, политички митинзи, демонстрации , празници, славенички собири...)“.
И бугарското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да бидат внимателни при престојот во Македонија затоа што, според нив, во Македонија во наредните денови е зголемен ризикот од терористички напади.
Иако во соопштението на МВР нема детали за тоа што е најдено во претресите, дали има и кои се евентиално приведените лица, во медиумите веќе се шпекулираше дека во акцијата изведена утрото во петокот во повеќе македонски градови, наводно биле уапсени дваесетина поддржувачи на ИСИС, на кои им бил определен притвор, а било запленето и пешадиско оружје. Официјална потврда од МВР за ваквите текстови во медиумите – нема.
Гласот на Америка на македонски јазик побара изјава за темата што ја окупира македонската јавност, од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но, тој неделава е на службен пат во странство. На барањето за официјален став на МВР по повод соопштението, реакциите на амбасадата на САД, бугарското МНР, но и на македонската јавност, од Министерството одговараат дека, како што е истакнато и во првичното соопштение - опасноста од напад е превенирана, а МВР и понатаму е посветено на чувањето на безбедноста на македонските граѓани.
Покрај МВР, засега ни обвинителството не изнесува детали.
„Надлежен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција издаде наредба за вештачење на одземените предмети. Во моментов, со оглед на чувствителноста на ова прашање, ова се информациите кои обвинителството може да ги сподели“, изјави за медиумите Елизабета Недановска од обвинителството.
Со оглед дека во интерес на истрагата, надлежните институции не излегуваат со детали, медиумите и социјалните мрежи, секој на свој начин, го задоволуваат интересот на граѓаните.
„Во секое општество ваква информација ја крева загриженоста на јавноста до највисок степен. Но, претпоставувам дека МВР направило проценка дали е потребно во ваков момент да ја информира јавноста за ваквата закана. Претпоставувам дека имаат доволно сознанија, дека се водат истражни дејствија и затоа, МВР во овој момент не излегува со детали“, изјави во ТВ емисија, универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач.
И покрај проценките на МВР за безбедноста ситуација и за чувствителноста на истрагата, останува прашањето зошто беше пласирана ограничената информација која може да доведе до забуна, и зошто и по пет дена, нема подетални објаснувања за да се избегнат шпекулациите и да се смири вознемирената јавност. Особено што во македонските медиуми беа објавени неофицијални податоци дека вкупниот број на лица од Македонија кои заминале на боиштата во Сирија е 156, дека оттаму се вратиле 83 лица, од кои, три лица издржуваат казни во Турција, 23 лица – во Македонија, а 57 лица се на слобода.
Facebook Forum