Линкови за пристапност

Дивата депонија од Струга пред суд


Тужителите сметаат дека депонијата го загрозува нивното право на здрава животна средина

Во Основниот суд во Струга, започна судењето за градската дива депонија која се наоѓа во близината на градот, каде една деценија се трупаат големи количини смет. Македонското здружение на млади правници, ја тужи Општина Струга, Јавното комунално претпријатие и Министерството за животна средина, со образложение дека во изминатите години не презеле соодветни мерки за санирање на депонијата и дислокација на истата.

„Понатамошното постоење на депонијата ќе произведе посериозна и позначителна штета по здравјето на луѓето и општо животната средина. И, вториот дел на нашата тужба се однесува на конкретни мерки кои треба да се преземат, за да се спречи таа идна штета, а кои одат во насока на тоа да се дислоцира целосно оваа депонија. Една од мерките е забрана за депонирање на комунален отпад. Се бара утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на живот, правото на приватност на домот“, изјави адвокатот и граѓански активист Глигорие Ќатоски.

Покрај дислокација на депонијата, бараат да се изврши рекултивизација и деконтаминација на просторот. Иницијаторите сметаат дека со ова, истата ќе ја принуди државата да го направи првиот чекор, во решавање на овој проблем и на национално ниво, кој е повеќе од сериозен.

„Во тужбата имаме една димензија која е надвор од судската надлежност и штета што на овој начин се обидуваат да го решат овој проблем, бидејќи судот не може да го реши проблемот ниту да издаде пресуда со која ќе се изврши дислокација на депонијата, ниту пак приложениот наод од вештото лице го решава проблемот“, рече Драган Коровешоски, адвокат на Општина Струга.

Граѓанските активисти велат дека според нивните проекции, на оваа депонија, која е сместена на некогаш плодното струшко поле, на годишно ниво се депонираат и по 40 илјади тони отпад. Висока е 15 метри, долга е околу 500 и широка 250 метри.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG