Линкови за пристапност

Меѓународна потерница по Грујевски и Бошковски


Раководството на ВМРО-ДПМНЕ без пасоши, дел од членството бара реформи

Откако полицијата не ги пронајде првите двајца обвинети од СЈО, на кои Врховниот суд им одреди притвор, распишана е меѓународна потерница за поранешниот началник на Петтата управа на МВР Горан Грујевски и за вработениот во УБК Никола Бошковски.

Полицијата тврди дека налозите од Судот за нивно приведување, ги добила вечерта, и оти реагирала навреме, иако Врховниот суд ги соопшти решенијата вчера попладне

Засега е отворено прашањето зошто Врховниот суд чекал со часови, при итна притворска мерка, што на обвинетите им обезбедило време да се подготват за бегство.

Ваквиот развој на настаните, на кој посочуваа дел од експертите, кои не се согласуваа со пролонгирањето на извршноста на решенијата за притвор, со жалбената постапка до Врховниот суд, предизвика бројни реакции во традиционалните медиуми, и особено на Интернет и на социјалните мрежи.

Дел од донеодамнешните опозициски настроени медиуми, кои сега ѝ изразуваат поддршка на новата Влада, секојдневно бараат што поитна реформа на партизираното судство, и според нив, наместо селективната правда, да се врати владеење на правото.

Иако првични оценки беа дека со најавеното укинување на Законот за совет за утврдување факти и покренување одговорност на судија, како еден од специјалните закони кои ги подготвува Министерството за правда, со што надлежностите се враќаат во Судскиот совет, како и со утрешната седница за смена на државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, се започнати реформите во правосудството, досегашната разврска на случаите на СЈО, за кои немаше ниту една одлука за притвор, ги проблематизира ваквите ставови.

Од друга страна, покрај правниот аспект, случаите на СЈО имаат и далекусежни политички последици. Речиси комплетното раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е обвинето од СЈО за бројни кривични дела, како злосторничко здружување.

Иако се донесени само две решенија за притвор, патните исправи им се одземени на претседателот на партијата и експремиер Никола Груевски, на неговиот братучед, поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, на ексминистрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и на Елизабета Канческа-Милевска , како и на уште педесетина партиски функционери

Ваквата ситуација ја става партијата во подредена положба наспроти локалните избори кои, според најавите, доколку не дојде до пролонгирање, треба да се одржат веќе во октомври.

Токму затоа, групата иницијатори за внатрешни реформи во ВМРО-ДПМНЕ, е сè погласна во барањата, јавно изнесени на политичката сцена.

Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат свои поддржувачи и меѓу пратениците, но, според еден од нив, Александар Михајловски, имињата на пратениците и на останатите поддржувачи, јавно не се соопштуваат, со цел да се спречи нивна смена од функциите, како и да не бидат изложени на притисок.

На минатонеделната трибина во Скопје, отфрлајќи ги обвиненијата и дисквалификациите од партиското раководство, и посочувајќи закани кон нив и нивните семејства, реформаторите се извинија за говорот на омраза насочен кон етничките заедници во предизборниот и постизборниот период.

Тие вечерва ќе одржат нова дебата во Штип, а претходно потенцираа дека го поддржуваат „ангажманот на пријателите од меѓународната заедница“, за стабилизирање на политичкиот систем во Македонија, како и бараат внатрепартиски реформи, за раководството да добие легитимитет од партиските тела и партијата да постигне успех на претстојните локални избори.

Реформаторите тврдат дека со нивната активност и борба за партијата, се здобиле со право да критикуваат и да бараат внатрепартиски промени, со кои ВМРО-ДПМНЕ би станала, модерна демократска партија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG