Линкови за пристапност

Постигнат напредок за измени на Законот за државјанство


На повидок е деблокада на парламентот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Заев очекува Алијанса и Алтернатива, по денешната позитивна средба, што е можно поскоро да ги повлечат амандманите со кои се блокира усвојувањето на петтиот пакет економски мерки

На повидок е деблокада на парламентот – на денешната средба меѓу врвот на владата и лидерите на албанската опозиција постигнат е сериозен напредок за измени на Законот за државјанство со кои Алијанса за Албанците и Алтернатива го условува откочувањето на работата на Собранието. Премиерот вели дека состанокот бил позитивен, дека до крајот на неделата договореното ќе биде ставено на хартија и наскоро измените ќе се најдат пред пратениците.

„Се работи за 13 конкретни причини за добивање државјанство, не како кумулатив, туку било кое од овие 13 причини и тоа претставува сериозен исчекор затоа што сите граѓани исполнуваат една од овие причини за добивање државјанство. Секако, тука се и годините на чекање државјанство, тука е проценката што ја дава АНБ итн... Разговаравме за сите аспекти и имаме решенија, сериозен исчекор, треба само стручните служби на МВР тоа да го стават на хартија за да можеме тоа во петок да го разгледаме и да биде преточено во законско решение во парламентот идната недела“, рече премиерот Зоран Заев.

Заев очекува Алијанса и Алтернатива, по денешната позитивна средба, што е можно поскоро да ги повлечат амандманите со кои се блокира усвојувањето на петтиот пакет економски мерки. Сега опозиционерите Албанци бараат да нема блокади од другиот дел на опозицијата.

„Би сакал да ги повикам ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка за носење на овој закон“, рече Африм Гаши од Алтернатива.

Според Зијадин Села, државата сега е на добар пат да најде решение за, како што вели, илјадници граѓани кои се уште не можат да добијат македонско државјанство.

„Многу неправедно е кога ги делиме граѓаните – на граѓани кои треба да достават некаков документ за да докажат дека во време кога Југославија се расформира живееле тука, а на некого не му треба и по автоматизам се стекнува со државјанство“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Проценките се дека овие измени, ако поминат во собранието, ќе се однесуваат на околу 3200 граѓани кои се уште не можат да добијат државјанство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG