Линкови за пристапност

СЈО – камен на сопнување околу измените во Законот за јавно обвинителство


Според власта, СЈО долг период било „искра надеж за враќање на правната држава„, а опозицијата најавува дополнителни аргументи за своето тврдење дека Јанева и нејзиниот тим го загубиле професионалниот кредибилитет

Додека се чека работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да почнат да работат врз измените и дополнувањата на новиот Предлог-закон за јавно обвинителство, со што се предвидува интегрирање на Специјалното во Јавното обвинителство, а за кој се очекува да биде изгласан пред изборите, како дел од реформските закони кои се услов од Европската Унија за добивање датум за преговори, граѓански организации - предлагачи на Блупринт документот, кои го следат спроведувањето на правосудните реформи, побараа Владата да го повлече Предлог-законот и да го врати на доработка, пред сè, токму одредбите за натамошниот статус и работа на СЈО.

По средбата на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и најавата за формирање на работни групи кои интензивно ќе работат на новиот закон, во медиумите почна да се шпекулира за исходот на меѓупартиските преговори за иднината на СЈО и останувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева на раководната позиција.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека принципиелно, интегрирањето на СЈО како дел од Јавното обвинителство може да биде тема за дискусија, како дел од реформските закони, но Мицковски потенцираше дека за неговата партија „специјалниот јавен обвинител го загуби комлетниот и личен и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина“.

Лидерот на СДСМ, премиерот Заев пак, најави квалитетно законско решение за СЈО и истакна дека е поддржувач на тимот на СЈО, „затоа што јавно учествувавме во селекцијата на обвинителите во 2015 година, и власта и опозицијата... И навистина, оваа институција покажа капацитет, а тоа го препознаа како дома, така и странците кои ни помагаат во правосудниот систем“. Тој најави и дека oчекува квалитетно законско решение за СЈО во кое сите ќе веруваат.

Иако во медиумите имаше коментари зошто во лидерската средба за иднината на СЈО, не биле вклучени челниците на албанските партии, нивните ставови за ова прашање, и се сепак, главно познати на македонската јавност.

Беса е воздржана за децидна оценка, без извештај за сработеното на СЈО, Алијансата за Албанците изрази незадоволство од работата на СЈО, поради наводно „исполнување на политички директиви“, а ДПА сè уште нема дециден став, со оценка дека се работи за политички игри меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Единствено ДУИ ќе продолжи со поддршката за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство во парламентот, со аргумент дека работата на СЈО е важна за реформската агенда на власта.

Покрај решителниот став на премиерот Заев и Министерството за правда излезе со соопштение дека кое потенцира и дека „законското решение усвоено од Владата, содржи гаранции за автономијата и функционалноста на СЈО“, како и дека во законот нема скриена амнестија. и дека „донесувањето на овој закон, ќе биде еден од најважните критериуми за донесување одлука за почеток на преговорите со ЕУ“.

„Свесни сме дека Законот допира различни, спротивставени интереси, и тоа можеше да се види не само во рамките на работната група, туку и во коментарите на пошироката јавност, како од експерти, новинари, претставници на невладини организации, така и од претставници на политичките партии. .. Клучната цел на Министерството за правда е овој закон да создаде одржлив систем, со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот и корупцијата, систем кој нема да содржи скриена амнестија, ниту можност било кој да ја избегне правдата“, соопшти Министерството,

Но, граѓански организации веќе побараа Владата да го повлече Предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати во Министерството, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе го доработи.

Во заедничкото соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европска политика и Фондацијата Отворено општество – Македонија, се вели дека со предложените измени и дополнувања се уредува натамошното постоење, функционирање и надлежност на СЈО, без анализа на „значајните проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата“, и без разгледување на препораките на експертите и на граѓанските организации. Според потписниците, нетранспарентноста на процесот, „директно влијае на создавање недоверба во натамошното функционирање на СЈО“.

Граѓанските организации го критикуваат донесувањето на законот во скратена постапка и исклучувањето на можноста за партиципативност на заинтересираните страни, а забелешка им е и „ограничувањето на можноста т.н. ‘бомби’, аудио материјалите да се користат како доказ“, што според нив, го наметнува прашањето и за суштината на постоењето на СЈО.

За разлика од загриженоста на граѓанските организации дека дел од обвинетите, без „бомбите“, може да не ги стигне правдата, министерката за правда Рената Дескоска смета дека „ниту еден предмет не треба да биде загрозен без снимките – според информациите што ги имаме, СЈО ќе може да ги продолжи сите постапки што се започнати... Мислам дека непотребно се создава една атмосфера дека било што има затскриено во законот, што може да создаде проблем. Напротив, сметам дека овој закон кој што го пративме во Собранието, ако се донесе во оваа форма, без било какви амандмани кои што би ја нарушиле конзистентноста на текстот и јасноста на одредбите за одредени постапки кои што веќе постојат во СЈО, јас би била многу среќна“, изјави Дескоска во медиумите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG