Линкови за пристапност

20 отсто од бремените Ромки во Шуто Оризари се малолетнички


Ромките во Македонија сè уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до основни здравствени услуги за репродуктивно здравје

На свеченоста, на која присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, пратеници од Собранието и министри, честитајќи го празникот, и потенцирајќи го фактот дека скопската Општина Шуто Оризари е единствената во светот, каде што мнозинството граѓани се Роми, и каде што ромскиот јазик е официјален, покрај македонскиот, премиерот Зоран Заев сепак го посочи и фактот оти „мора да се постигне ниво на достоинствени услови за живот на Ромите, кон што сме насочени“.

Во тој контекст, по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми Април, „Иницијативата на жени од Шуто Оризари“, вчера испрати соопштение, во кое се вели дека „теренското истражување што го спроведовме во 2017 година, покажа дека дури 20 отсто од бремените Ромки од скопската општина Шуто Оризари, или секоја петта бремена Ромка, се малолетнички. Раната бременост и родителство сериозно влијаат врз конкурентноста на пазарот на трудот, и придонесуваат кон прекинување на понатамошното школување, со што се создава економска зависност и сиромаштија“.

Иницијативата тврди дека и годинава Ромките во Македонија сè уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до основни здравствени услуги за репродуктивно здравје, што се потврдува и со загрижувачките податоци за бројот на малолетнички бремености меѓу Ромките

Иако минатата година, новата власт на СДСМ и ДУИ, преку тогашните министри за здравство и без ресор Арбен Таравари и Самка Ибраимовски, триумфално најави дека конечно, по две децении, во амбулантата во Шуто Оризари ќе работи и гинеколог, со што ќе се реши долгогодишениот проблем и ќе се обезбеди континуирана гинеколошка здравствена заштита за околу 10.000 девојки и жени од Општината, преку ангжмманот на Вјолца Мбиара, специјалист - гинеколог со долгогодишно работно искуство, која тврдеше дека работела и во американска болница во Албанија, проблемите на тој план, сè уште се отворени.

Според „Иницијативата на жени од Шуто Оризари“, неопходно е и воведување едукација за младите Роми и Ромки, услуги за заштита и унапредување на нивното репродуктивно здравје, што директно ќе придонесе кон намалување на бројот на малолетничките бремености, како и едукација за начините на заштита од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции, што ќе ги опреми младите со информации и знаења, кои се неопходни за донесување на важните одлуки во животот.

Истражувањето покажало дека дури 82 отсто од Ромките од Шуто Оризари го плаќале прегледот кај матичниот гинеколог, иако според прописите оваа услуга им следува бесплатно.

„Бараме одговорните институции, пред сè Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, да им дадат врвен приоритет на здравјето и животот на бремените жени, односно, да изнајдат трајно системско решение за целосно стопирање на практиката на незаконска наплата на здравствените услуги од матичните гинеколози, и да обезбедат целосно спроведување на мерките од превентивните програми на Министерството за здравство за унапредување на репродуктивното здравје на Ромките“.

Премиерот Заев на чествувањето на Светскиот ден на Ромите во Македонската опера и балет, повика на уште повисока граѓанска свест за потребите на Ромите во македонското општество

„На сите нас, од сите националности и вери, деца, стари, возрасни, ни требаат и образовни и културни права, но, и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се Ромите“, рече Заев.

Тој истакна дека веќе се направени првите чекори кон решавање на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања и до здравствено осигурување, како и вклученост на Ромите во културата и образованието, на што посветено, според него, работи Министерството за труд и социјална политика, во рамки на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации.

Заев го истакна и проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишни установи“, во текот на учебната 2017-2018, основањето на Ромски информативни центри во 12 општини, и ја истакна определеноста на Владата да ги следи сите европски препораки, меѓу кои и „Европската платформа за вклучување на Ромите“.

Според него, од први април 2017-та година, Управата за водење матични книги отворила оглас, со кој се повикуваат сите лица кои не се регистрирани во матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис, со оглед дека околу 600-тини Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем.

„За решавање на приоритетните прашања за граѓаните Роми, ги ставивме во функција ресурсите од централниот буџет и донаторските средства. Целиме да постигнеме социјална кохезија и еднаков развој во општеството. Сакам да потенцирам дека силна е политичката волја на Владата на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјава“, рече Заев.

Во Македонија беше усвоен и цела деценија спроведуван еден од најважните документи наменети за Ромите - меѓународната иницијатива „Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015“, како и „Стратегијата за Ромите“ на Владата на Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со министерот без ресор и националниот координатор на Декадата на Ромите, а во контекст на Стратегијата, го редизајнираа тој документ во јавната политика од 2005 - во новата „Стратегија за Ромите во Република Македонија 2014 - 2020“.

Но, според извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија - Скопје, „Здравјето и здравствена заштита на населението во Република Македонија 2011“, што содржи информации за здравствената состојба и здравствената заштита на Ромите, здравствената состојба на Ромите е изразена со стапка на смртност на доенчиња од 30 проценти повисока од неромската популација.

Ромите имаат многу повисок процент на хронични заболувања за разлика од другата неромска популација, заостанувањето во растот кај децата Роми е 24 проценти, а присутни се и намалениот имунитет и предиспозицијата за нарушување на здравствената состојба и други здравствени проблеми

За дел од Ромите интелектуалци во Македонија, за разлика од други држави во светот, каде 8-ми Април се одбележува со настани, во Македонија недоволно ѝ се сигнализира на пошироката јавност и на светот, дека Ромите сепак се граѓани од втор ред, а последните десетина години, одбележувањето на Денот, станува безмалку карневал.

По повод Меѓународниот ден на Ромите, министерот без ресор Аксел Ахмедовски, кој е задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, како покровител со премиерот Заев, минатата недела организираше свечен гала-концерт.

Но, само ден претходно, по истиот повод, пратеникот Самка Ибраимовски, истакна дека „напредокот на Ромите оди многу бавно, како желка која преминува од една страна на улицата на другата и додека ја помине, ќе ја згази некој автомобил и не се прави ништо.

Навистина, истакнувајќи дека тоа што Ромите се спомнати во Уставот е за поздравување, Ибраимовски рече и дека „има некои подобрувања во делот на состојбата на Ромите, имаме министер, пратеници Роми, што во другите држави е мислена именка, имаме директори и студенти“.

Но, тоа што, како преседан во светски рамки, Ромите во Македонија имаат министер и двајца пратеници, сепак, не ја менува фактичката состојба.

95 проценти од Ромите во Македонија живеат во градовите. Според, за жал, последните официјални податоци, од пописот од 2002-та година, во Македонија живеат речиси 54.000 Роми или 2.66 проценти од вкупното население.

Општина Шуто Оризари е единствената во светот каде мнозинството население 76 проценти се Роми.

А заради застарените податоци од Државниот завод за статистика на Република Македонија, меѓу невладините организации има и извори кои тврдат дека во Република Македонија всушност живеат меѓу 80 и 130.000 Роми.

Сепак, од главно урбаното ромско население, според податоци од медиумите, речиси 29 отсто живеат во руинирани и монтажни објекти, а 7 отсто живеат во објекти изградени од неградежни материјали.

Невработеноста кај младите Роми е речиси двојно поголема од општата стапка на невработеност во Македонија, и таа се зголемува.

Во државните институции во 2016-та година само 1,4 отсто од вработените биле Роми.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG