Линкови за пристапност

Марш на црвените чадори


Во Скопје на протест излегоа сексуалните работници по повод Меѓународниот ден против насилството врз нив.

Стриптизети, хот-лајн оператори, ескорт-дами, масерки, танчарки... денес со црвени чадори минаа по главната скопска улица и двата централни плоштада на македонската престолнина, одбележувајќи го Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници.

Црвениот чадор како симбол на борбата против насилството врз сексуалните работници почнал да се употребува во Италија. Според медиумите, ова е шести по ред годишен Марш на црвените чадори во Скопје, а прв во Охрид, Тетово и Струмица.

Сексуалните работници од Македонија велат дека протестираат против тортурата, злоупотребата и насилството. Иако во македонското општество проституцијата е се уште табу-тема, а државата ја санкционира, низ медиумите се шпекулира дека неколку илјади лица, главно жени, преку неа обезбедуваат средства за својата и за егзистенцијата на нивните деца и партнери.

Иако учесниците се жалеа дека државните институции го пренебрегнуваат нивното постоење и ги маргинализираат, а тврдат дека се жртви и на агресивноста на клиентите и макроата и на тешките условите за работа, сепак не сакаа да коментираат пред микрофон или камера. Дел од нив велат дека го работат она што мораат и дека некој во државата мора да размисли за нивната легализација, за да можат да остварат права за социјално, и, пред се`, здравствено осигурување.

Наместо директно засегнатите, главно говореа активистите за човекови права од неколку невладини организации, кои побараа промена на условите во кои работат овие лица, како и преземање на сите мерки од релевантните институции за заштита на човековите права на сексуалните работници во македонското општество.

Маршот го организираше граѓанската Иницијатива за унапредување и промоција на правата на сексуалните работници, која Меѓународниот ден го одбележа со пораката – стоп за насилството врз овие лица.

Претходно, Борче Божинов од здружението за заштита, промовирање и унапредување на маргинализираните професии изјави дека “Маршот на црвените чадори и` пркоси на небезбедноста, а e портрет на оние кои ги креираат судбините на сексуалните работници. Aктивистите за човекови права,, сексуални работници, хот-лајн операторки, масерки..., маршираат за да потсетат дека и ним им треба внимание, закони кои ќе ги заштитат од секојдневното насилство. Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената е боја на убавината, а чадорот штити од надворешни влијанија, лоши клиенти, макроа...”.
XS
SM
MD
LG