Линкови за пристапност

Во Брисел не се сигурни што сакаат да прават со нас, изјави Вучиќ по средбата со Пендаровски


Двајцата претседатели потенцираа дека иницијативата „Мал Шенген“ е најдобриот договор постинат во регионот изминативе децении

Иднината на државите од Западниот Балкан е Европската Унија, се согласија претседателите на Северна Македонија и Србија, по нивната средба која се одржа во „Палата Србија“ во Белград.

Двете држави немаат отворени прашања, освен разидувањата околу признавањето на Косово, економската соработка бележи пораст, а иницијативата „Мал Шенген“ ќе го зацврсти регионот и во неа ќе сакаат да членуваат сите држави од Западен Балкан, порачаа двајцата претседатели на заедничка прес конференција.

Сепак, за разлика од претседателот Стево Пендаровски, Александар Вучиќ е песимист околу текот на настаните и евентуалниот датум, а според него тоа се должи на внатрешните проблеми во Унијата.

Пендаровски, пак, очекува новата методологија да биде донесена до март, иако не добил гаранција од Макрон за добивање датум

„Сите чекаме да станеме членки на Унијата. Дали се сигурни тие во Брисел што ќе прават со себе и со нас? Јас ќе ви кажам дека тие не се сигурни што точно сакаат со нас. Тоа му го кажав и на Заев, Рама знаеше. ЕУ бара начин заради Преспанскиот договор некако да ја задоволи Македонија. Но што потоа? Што со нас, Црна Гора и Босна и Херцеговина“, рече Вучиќ.

Двајцата претседатели, поркај одличните билетарлни односи кои ги оценија како повеќе од пријателски, ја потенцираа и економската соработка која трета година по ред бележи пораст. Оваа година трговската размена ќе ја надмине сумата од една милијарда евра.

Токму затоа тие потенцираа дека иницијативата „Мал Шенген“ е најдобриот договор постинат во регионот со децении наназад, и оти во него треба да членуваат сите шест држави од Западен Балкан.

„`Мини Шенген` мора да се менува со текот на времето, бидејќи има слабост. Мора да се најде решение кое ќе ги внесе и Босна и Херцеговина и Црна Гора, без прејудицирање околу статусот на Косово. Тоа е дијалог и како ќе си решат тие. Добро е иницијативата да биде што е можно поголема, бидејќи е одлична.Сметам дека сите шест држави треба да бидат внатре и да почнеме да се однесуваме како Европејци“, рече Пендаровски.

Вучиќ, пак, ги нарече „будали“ сите оние кои се противат на овие иницијатива и договор, и нагласи дека има притисоци да не успее.

Околу членството на Северна Македонија во НАТО, претседателот Вучиќ истакна дека тоа е внатрешно прашање и дека нема да ги наруши односите меѓу двете држави.

„Вие избравте да бидете членка на НАТО. Граѓаните гласаа. Тоа е внатрешно прашање и ние не се мешаме во внатрешните прашања на друга држава, исто како што не сакаме нас да ни се мешаат. Нашиот избор е да бидеме воено неутрални и да одржауваме добри односи и со Русија и со Алијансата“, рече Вучиќ.

Во рамки на средбата, двајцата претседатели договорија отворање на центри за култура во Скопје и во Белград, преку кои ќе се зголеми соработката и пријателството меѓу двете држави.

Пендаровски е во дводневна официјална посета на Белград, и освен со Вуќич, тој ќе се сретне и со премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на Народното Собрание Маја Гојковиќ, додека утре во Нови Сад ќе има средба и со словоенчкиот претседател Борут Пахор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG