Провокација – така руското МНР реагира по медиумските написи за повеќегодишно систематско инволвирање на официјална Москва во обиди Македонија да се оддалечи од НАТО и ЕУ. „Извештајот не е ништо повеќе од неумесен обид да се префрли одговорност за длабоката криза во Македонија. Обвинувањата дека Москва финансира медиуми во Македонија со цел ширење дезинформации за руски интереси, доаѓаат од организации претежно спонзорирани од американски државни структури и фондови на Џорџ Сорос“ – се вели во соопштението на руското МНР.
Од Москва реагираат дека токму оние структури кои директно учествувале во настани што ја насочувале македонската внатрешна политика сега се обидуваат да ја обвинат Русија која, како што се тврди, конзистентно се спротивставувала на надворешно наметнати деструктивни шеми врз Скопје.
Британски „Гардијан“, повикувајќи се на истражување на Мрежата за известување за организиран криминал и корупција, објави дека руски шпиони и дипломати од 2008 година биле активни во ширење пропаганда и провоцирање раздор во Македонија – мерки на Кремљ за зголемување на сопственото влијание на овие простори и попречување на земјите од поранешна Југославија да се зачленат во НАТО.
Истражувањето се базира врз документи излезени од македонските тајни служби во кои, како еден од центрите на операцијата, се посочува руската амбасада во Скопје, во која биле активни тројца разузнавачи. За целата ситуација, засега, новата влада во Македонија, се воздржува од јавни коментари.
Facebook Forum