Линкови за пристапност

Подобри односи Скопје - Москва, по протерување на рускиот дипломат?


Македонија протера руски дипломат
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Можеби по расчистувањето на ситуацијата, пријателството ќе биде поискрено, вели Димитров

Засега е нејасно како протерувањето на рускиот дипломат од Македонија ќе се одрази врз релациите меѓу Москва и Скопје.

Македонските власти се надеваат дека по расчистувањето на случајот, пријателството меѓу двете земји, можеби ќе биде подобро и поискрено.

Одлуката во Скопје е донесена по внимателна анализа, и таа, како што изјави шефот на дипломатијата, се базира на два елемента: првиот е меѓународен - чин на солидарност со сојузниците по нападот со хемиско оружје во Британија, а вториот елемент има домашен аспект.

„Се работи за лице што со своите делувања излегло надвор од својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи. Ова беше реакција во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата. Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.

Станувало збор за обид за добивање класифицирани безбедносни информации, рече Димитров без да прецизира какви, како и без да го открие идентитетот на рускиот дипломат.

„Нашите сознанија се засноваат врз цврсти докази и немаме дилеми дека такви обиди имало. Меѓу пријатели секогаш има недоразбирања, и ако се има ваква перспектива на случајот, можеби по расчистувањето на ситуацијата, пријателството ќе биде подобро и поискрено“, смета Димтров.

Вчерашната одлука на македонската дипломатија, која Москва ја нарече „непријателски чин без преседан во руско-македонските односи за кој одговорноста ќе ја носи македонската страна, официјален Лондон ја поздрави преку својот претставник во земјата.

„Ова е моќно прикажување на солидарност“, напиша на Твитер амбасадорт Чарлс Гарет.

Американската амбасада во Скопје, на прашањето на Гласот на Америка за потегот на македонските власти изјави:

„Бевме во координација со нашите сојузници и партнери од денот на нападот со целосна поддршка за Обединетото Кралство. Ова е координирана акција без преседан и без сомнеж покажува дека светот нема да толерира ваков тип на однесување на Руската влада“, велат од Американската амбасада

ЕУ, пак, вчера реши координарано да реагира на нападот во Солсбери.

„14 земји - членки решија да протераат руски дипломати. Во наредните денови и недели не се исклучуваат дополнителни мерки, вклучувајќи и натамошни протерувања“, изјави Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ.

Но, не сите европски земји - членки на НАТО и на ЕУ се приклучија на чинот на солидарност со Британија. Меѓу нив е и Австрија чија шефица на дипломатијата денеска беше во Скопје.

„Австрија се изјасни како држава солидарна со Велика Британија во однос на поддршката за хемискиот напад, но, кога станува збор за протерување дипломати тоа е билатерално прашање за проценка“, рече Карин Кнајсл, министерка за надворешни работи на Австрија.

Од Балканот - Грција, Бугарија, Словенија соопштија дека нема да протераат руски дипломати.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG