Линкови за пристапност

Заеднички апел на поглаварите на верските заедници


Побараа од верниците мирни избори со демократско и слободно изјаснување.

„Секое нарушување на изборниот процес, но и на сеопштото општествено функционирање, прави штета за нас самите, во прв ред, но и за лицето на нашата држава - Република Македонија во светот. Затоа, да потврдиме дека сме земја и луѓе со демократски и државотворен капацитет, со меѓународни принципи, но пред сè, следбеници на вистински религиозни и духовни вредности. Слободата на изборот е основно човеково право, кое не е само придобивка на современото демократско општество, туку е фундаментален дел и од учењето на секоја религија“, се вели во заедничкото соопштение што поглаварите на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, на Исламската верска заедница, на Католичката црква, на Евангелско-методистичката црква и на Еврејската верска заедница во Македонија, им го испратија на сите верници, во пресрет на редовните претседателски и вонредните парламентарни избори.

Поглаварите на верските заедници апелираа до верниците и до сите граѓани да го искористат според личното убедување уставното право на глас и на претседателските и на парламентарните избори да се однесуват „достоинствено, одговорно и мирно, богоугодно и човекољубиво“.

„Ниедна религија во светот не повикува, не проповеда човекот да излезе од рамките на својата егзистенцијална матрица, односно од својот идентитет на добро, разумно и културно битие“, се вели во соопштението и се потенцира дека сите граѓани на Македонија имаат одговорност за иднината и просперитетот на државата.

“Но, таа слобода во изборот, тоа што е цел на нашата волја и на нашето убедување или, пак, моментно расположение, мора да биде разумна, да биде достоинствена, но најнапред и пред сè, во согласност со позитивните законски прописи на општеството, односно, државата во која живееме и, секако, во согласност со основниот природен морален кодекс со кои сите сме создадени од Бога“, се вели во заедничкото соопштение на поглаварите на МПЦ - Охридска архиепископија, ИВЗ, Католичката и Евангелско-методистичката црква и на Еврејската верска заедница.
XS
SM
MD
LG