Линкови за пристапност

„Балканската рута“ е затворена, но бегалците се обидуваат на сите начини на допрат до Западна Европа


Република Северна Македонија ќе ја продолжи соработката со УНХЦР, преку изнаоѓање на најсоодветни решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на лицата – бегалци и мигранти, на кои ќе им се обезбедува основната лична документација за да се стекнат со правен статус

На автопатот Неготино – Скопје, во близина на надвозникот Виничани, деновиве биле откриени дури 61 мигрант или бегалец, во камион со скопски регистарски ознаки, а по пријава на граѓани кои информирале дека поголем број лица излегуваат од едно возило. Според полициски извештаи, на самото место и во близина, полицијата пронашла 45 лица од Пакистан, деветмина од Авганистан, шестмина од Бангладеш шест и едно лице од Индија. Возачот избегал, но лицата биле пренесени во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија и во Прифатниот центар за странци во Скопје, за понатамошна постапка.Минатата недела, во сообраќајна несреќа беа повредени 33 мигранти, на локацијата Пржедски споменик, на потегот меѓу Демир Капија и Прилеп, каде се превртело комби возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на лице од скопското село Арачиново. Откако забележал дека е следен од полициски возила, возачот се префрлил на совозачкото седиште и скокнал од возилото во движење, по што бил пронајден со сериозни, тешки телесни повреди, поради кои бил пренесен на Клиничкиот центар во Скопје.Без возач, возилото паднало во бездна длабока 14 метри, по што сите 33 мигранти и бегалци биле повредени, а дел од нив биле и малолетници. Лицата со особено тешки повреди, биле пренесени од медицинските екипи во здравствените установи во Неготино и во Кавадарци.

На 19 јули во товарно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во близина на валандовското село Грчиште, биле пронајдени 48 лица, бегалци и мигранти, 38 лица од Пакистан и десет од Бангладеш. Полициските службеници од базата на „Македонија пат“- Гевгелија, се обиделе да го сопрат товарното возило управувано од Ж.В.(26) од Скопје, кој по безуспешното бегство, бил лишен од слобода и предаден во Полициската станица во Гевгелија, а по документирањето на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, против него.

Минатиот месец, лицето А.Н. од Пакистан, загина на пругата кај Демир Капија, откако го прегазил товарен воз што се движел во правец Гевгелија-Скопје, пред Демир Капија. Бил извршен увид од екипа од Полициската станица во Гевгелија, а по наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција...

Ваквите зачестени вести во медиумите последните неколку седмици, лесно би можеле да го наведат јавното мислење во Македонија, дека почнува нова бегалска „офанзива“, но податоците од теренот - од прифатните центри на северната и јужната македонска граница, сепак, сè уште ја потврдуваат затвореноста на „Балканска рута“.

И активистката Ленче Здравкин, чиј дом во Велес е речиси на сите ЏПС – водичи на бегалците и мигрантите кои се движат низ Македонија, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, денеска потврди дека и покрај последните загрижувачки информации, нема зголемено движење на бегалци и мигранти низ Македонија, и дека главно се работи за лица кои на сите можни начини, се обидуваат низ Грција (од Турција или од Африка) да дојдат до грчко-македонската граница, за потоа, преку територијата на Република на Северна Македонија, некако да стигнат до македонско-српската граница, за потоа, преку Србија да продолжат кон Западна Европа.

Таа тврди дека бројот на бегалци и мигранти кои застануваат во нејзиниот дом во кој добиваат храна, течности, туширање и минимум лекови и облека и обувки, пред продолжување на нивното патешествие, е намален за 50%, во однос на фреквенцијата на паталци оваа пролет.

По неодамнешната средба со премиерот Зоран Заев, претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Моника Сандри, позитивно ја оцени досегашната соработка на УНХЦР со Република Северна Македонија и истакна дека државата може да стане пример за регионот и пошироко.

Според соопштението, на средбата се разговарало и за „тековните програми на канцелариите на УНХЦР во РСМ и во светот, како и за потребата за продлабочување на солидарноста на државите во решавањето на прашањата поврзани со бегалците“.

Претставничката на УНХЦР го претставила Глобалниот договор за бегалци и го најавила Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември 2019 година во Женева, со покана за Македонија - да даде свој придонес во областите на социјална инклузија на бегалците и на искоренување на без државјанството. Тема на разговорите било и можното пристапување на Македонија кон Конвенцијата на ОН од 1961 година - за намалување на без државјанството, како и за бројот на лица кои би биле опфатени со оваа ратификација и за други импликации и за натамошна координација.

Заеднички било заклучено дека соработката меѓу Република Северна Македонија и УНХЦР ќе продолжи преку изнаоѓање на најсоодветни решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица, преку обезбедување на основна лична документација за оние кои тоа ќе го побараат - да се стекнат со правен статус, за обезбедување на нивните права.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG